На третата форумска сесија во рамките на програмата „Форуми во заедницата“, која синоќа се одржа во домот на АРМ во Струмица, уште еднаш се потврди транспарентноста и партиципативноста на граѓаните во креирањето на општинските политики и општинскиот буџет.
Цели три часа, граѓаните и градоначалникот, Зоран Заев, заедно ги разгледуваа понудените предлози, одлучуваа за нивната издржаност и можност да се реализираат и да станат составен дел од буџетот на општина Струмица за 2015 година.
Градоначалникот Заев ги презентираше планираните расходи по буџетската програма „Ј“ за 2015 година и потпрограмите за јавно осветлување, водоснабдување, изградба на локални патишта и улици, изградба на систем за одведување и прочистувањепо на отпадни води, паркови и зеленило, урбана опрема и други комунални услуги, како и планираните расходи по буџетската програма „Ф“ за 2015 година и потпрограмите за уредување на градежно земјиште и уредување на простор во рурални подрачја.
Голем број предлози дојдоа и од граѓаните. Јавен превоз во градот, расадници, откупни центри, уредување на делови во населените места, реконструкција на тротоари и улици, оградување на канали, дополнителни осветлувања во дворните места и просторот околу училиштата, дополнување на уличното осветлување во некои населени места, регулирање на депониите, зголемување на зелените површини, ова се најголемиот дел од предлозите, а кои треба да го подобрат урбаното живеење на граѓаните на општина Струмица.
Сите предлози поединечно се разгледуваа и граѓаните сами ги одредуваа приоритетите. Нови предлози ќе има и на следните форумски сесии. Предлозите со најголем број гласови ќе влезат во буџетските програми на општина Струмица за 2015 година.
-Огромното присуство кое што во континуитет опстојува, значи дека интересот на граѓаните е присутен, но секако присуството на вакви форумски сесии и дебати значи и лично унапредување на знаењето и запознавање на проблемите, кое што пак не прави и општествено активни граѓани, рече градоначалникот Заев.