ВИДЕО: Врз ЛГБТИ заедницата власта вежба фашизам

Од:

ЛГБТИ луѓето беа првите на удар откако на власт дојде ВМРО – ДПМНЕ. Со претпоставка дека во пошироката јавност нема да добијат поддршка и дека многу лесно ќе помине агресијата врз оваа заедница и организациите што се занимаваат со проблемите, тие се постојано изложени на насилство и самите се чувствуваат како граѓани од втор ред.

– Со самото доаѓање на власт, уште 2006 година, организацијата МАСО беше прва што го почувствува ударот на оваа конзервативна и диктаторски настроена власт.
Од 6-те напади што ги доживеавме, ние се уште немаме завршница на ниту еден, освен едниот каде што не бевме дирекна цел, туку последица на други протести што се случуваа во тој момент. Ние сега прв пат добивме информации дека инспекторите каде што биле нашите предмети за нападите, вклучувајќи и други сензитивни предмети, како што беа нападите на новинари, кога одреден инспектор ќе дошол блиску до сознанија за вистината и до оние што ги нарачувале нападите – наеднаш му бил одземан предметот и му бил даван на друг инспектор. И затоа, сите овие години – „истрагата е во тек“. И затоа не можеме да дојдеме до вистината кој и како ги организираше овие напади, иако ги имаме снимено самите извршители на тие напади, вели Кочо Андоновски.

Најновото истражување на проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето во РМ, е спроведено во Скопје, општина Шуто Оризари, Прилеп, Тетово, Куманово, Битола и Струмица.

– Сакавме да ги слушнеме ставовите на самите ЛГБТИ луѓе за сето она што се случуваше во овие 10 години фашизам. Кажувам фашизам зашто можам да образложам со факти. Ние воцентарот во Старата чаршија имавме една метална ролетна и едно утро на неа османа графит „Тремити“. Во прв момент помисливме дека се работи за грешка, дека сакале да кажат дека „термити“сме ние. Но, една наша пријателка истражувала и ни кажа дека Мусолини во фашистичка Италија, ги носел хомосексуалците на островот Тремити. Тој остров бил концентрационен логор за хомосексуалци во фашистичка Италија. За ова некој да го знае и да дојде на нашата ролетна да го напише – тоа значи дека некој сериозно се занимавал со фашизам, вели Андоновски.

Анализата на ЛГБТИ центарот покажала дека целосната партизација во која е втурнато македонското општество и институциите ја избришале довербата во системот, институциите, можноста за правда, сугерирајќи дека луѓето од ЛГБТИ заедницата живеат не само на маргините, туку се и луѓе од втор ред во сопствената држава во која уредно си ги плаќаат даноци.

Податоците во анализата на проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето во Македонија се фрапантни.

„Зборуваме за тоа дека дури 75% луѓето немаат недоверба во полицијата дека ќе нè заштити или пак 90,33% од испитаниците кои сметаат дека институциите не обезбедуваат доволно информации кои би ни помогнале во процесот на самозастапување, практикување и одбрана на сопствените права во областа на правната заштита, личната безбедност и заштитата од насилство. Ова укажува на целосно уништен систем, систем преземен од ексклузивна „каста“, која користејќи ги парите собрани преку даноци од граѓаните, ги понижува, застрашува и маргинализира истите тие граѓани“, велат во ЛГБТИ.

Со години наназад, невладините организации кои се занимаваат со прашања од интерес за ЛГБТИ луѓето во Македонија, бројни експерти и меѓународни организации тврдат дека правниот систем, но и практиката на институциите не обезбедуваат доволна заштита на правата и слободите на ЛГБТИ луѓето. Од таму велат дека ова истражување е првиот систематски обид на национално ниво за детално статистичко испитување на ставовите и перцепциите на ЛГБТИ луѓето за таргетираните, проблематични области и механизми за заштита.

„Досегашното искуство на ЛГБТИ Центарот за поддршка покажа дека, во поглед на заштитата на човековите права и слободи, ЛГБТИ луѓето во Македонија се соочуват со најголеми проблеми во областа на дискриминацијата и пристап до социјални услуги, насилстсво, семејно насилство и институционална заштита, полициски третман и пристап до полициска заштита“, стои во Анализата.
Овие наоди поткрепени со следните застрашувачки податоци:

„Ова истражување покажува дури 39% од испитаниците биле жртви на дискриминација во процесот на остварување на правата од социјална заштита како што е социјална превенција, здравствена заштита, социјална парична помош, право на социјално домување, еднократна парична помош или материјална помош. Дополнителен проблем претставува ниската стапка на пријавување на перцепираната дискриминација, каде од оние кои сметаат дека биле дискриминирани, само 17,6% ја пријавиле дискриминацијата во Центрите за социјални работи, а 7,8% во невладина организација. Останатите 74,6% воопшто не го пријавиле случајот. Речиси ист дел, 38,6% од испитаниците сметаат дека биле дискриминирани на нивното работно место поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет (СОРИ). Една четвртина сметаат дека не биле унапредени на работното место поради тоа, една четвртина дека добиле отказ од работното место, 27,7% дека не биле вработени поради таа причина, додека 22,3% навеле друг облик на дискриминација. Од тие кои сметаат дека биле дискриминирани, дури 90% не ја пријавиле дискриминацијата во ниту една институција или организација.

Дури 65,9% од испитаниците одговориле дека во нивниот досегашен живот биле жртва на насилство поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Од нив, 21.87% одговориле дека биле жртва на физичко насилство, 42.5% одговориле дека биле жртва на психолошко насилство, 29.37% одговориле дека биле жртва на вербално насилство и 6.25% одговориле дека биле жртва на сексуално насилство. Загрижувачки е податокот дека 18% од жртвите на насилство, биле жртви на најмалку три типа на насилство. Повторно, карактеристичен е проблемот на непријавување, каде дури 71,27% од ЛГБТИ жртвите на насилство не го пријавиле случајот во ниту една институција или организација. Секој трет ЛГБТИ човек бил жртва на семејно насилство поради неговата сексуална ориентација или родов идентитет. Во однос на претрпеното насилство, значајно е и да се спомене дека секое шесто ЛГБТИ лице во Македонија смета дека претрпело примена на неоснована и прекумерна сила од страна на полициски службеник“.

Истражувањето не е направено на репрезентативен примерок, ниту имало намера да претстави слика за тоа како целата ЛГБТИ заедницата го согледува сопственото место во општеството.

„Во нашето општество, но и пошироко, тоа е скоро невозможно. Пред сè, големата стигма која со векови ги прогонува ЛГБТИ луѓето, сеуште држи голем дел од заедницата многу скриен пред другите, а честопати и пред себеси. Особено кога зборуваме за бисексуалците, трансродните и интерсекс луѓето. Ова истражување е спроведено меѓу луѓе, низ целата територија на Македонија и во различни етнички и социјални средини, со оние кои се одважиле барем пред себеси да си признаат кои се и што очекуваат од системот во кој партиципираат (мисловно, материјално и духовно), да им овозможи. Истражувањето е сосема анонимно и спроведено „од човек на човек“, стои во Анализата на проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето во РМ.

Би можело да ве интересира

Условна казна за скопјанец кој нападна припадник на ЛГБТ заедницата

„Парадата на гордоста“ ги преплави белградските улици

Предраг Петровиќ

Светска банка: Економското вклучување на ЛГБТИ луѓето ќе го зголеми БДП на Северна Македонија и Србија

ВИДЕО: Над 2.000 луѓе во Грузија нападнаа ЛГБТ поворка

Предраг Петровиќ

Епископот Јаков со одговор до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Предраг Петровиќ

Костадин Костадинов влезе во војна со ЛГБТ организациите: Струмица излепена со „пречкртано виножито“

A1on