„Водњанци излезете на протест! Дома ли сте? Утре кога ќе си дојдете од работа може да ви ја нема домата, ќе се лизне до ‘Кочо Рацин’“, вака денес околу пладне активистката Ана Глигорова ги повикуваше жителите на Водно околу основното училиште „Кочо Рацин“ да излезат на протест инициран од изградба на нов објект за кој е ископана јама длабока десетина метри, без да се заштитат околните објекти од уривање. Излегоа дваесетмина соседи кои се пожалија дека инвеститорот со месеци не ги слуша нивните забелешки, сече дрвја, навлегува во дворовите на соседите, а не реагирала ниту градежната инспекција од Општина Центар. Бараат под итно да сопрат градежните активности и да се заштити јамата за која велат дека е закана за уривање на трите куќи до неа.
„Уште во дозволата требало да биде предвидено прво да се направат шипови, заштита, па потоа да се копа јама. Во оваа дупка при најмал земјотрес или еве дожд , денес врне, може да пропаднат околните згради“, вели архитектот Атанас Бошков, кој денес излезе на протест на улицата Партениј Зографски на Водно.
Маја Сотировска, која живее во куќа до јамата алармира дека со дозвола за индивидуална куќа инвеститорот сака да изгради зграда за колективно домување со триесет места за паркирање, а градежната инспекција од Општина Центар не реагира.
„Нашите конкретни барања на протестот се да се запре со градежните работи додека не интервенираат институциите, како што е побарано од нив“, рече Жарко Будимовски кој ја дели дуплекс – куќата со Сотировска и од мај навака бие битка со институциите за сопирање на градбата.
Сотировска и Будимовски обвинија дека инвеститорите на новиот објект им одзеле дел од дворот што им припаѓал нив, со лажна изјава успеале да го приватизираат земјиштето и го споиле со нивните мали парцели за да можат да изградат поголем објект. Тие за приватизацијата имаат поднесено тужба, а кривична пријава велат дека поднеле и против градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.
Градоначалникот Богдановиќ денес беше недостапен за изјава. Општината од мај навака им ветува на Сотировска и Будимовски дека ќе им помогне и дека по службен пат ќе го провери начинот на приватизација на земјиштето, но на локацијата веќе е ископана јама за новиот објект, а одговори за приватизацијата нема. Од мај навака, за приватизацијата молчи и Министерството за финансии кои не одговара на прашањата од „А1он“.
Инвеститорот се изјасни дека има уредна документација за објектот која лесно може да се провери во институциите, а обвинувањата од соседите за „А1он“ во мај изјави дека се неосновани и неточни.