Под мотото „Говорете европски“ денеска во Струмица се одбележа Европскиот ден на јазиците. Во организација на Академијата за образование, спорт и култура „АБЦ“ и Младинскиот совет, а со поддршка на општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев во големиот градски парк се одржа креативен хепенинг на кој учениците од основните училишта ги презентираа своите креации на тема „Значењето на лингвализмот и меѓусебното разбирање на народите во Европа“.
Со своите идеи и креации успешно креираа амбиент преку кој го нагласија значењето на познавањето на повеќе странски јазици, како и познавањето на другите култури со што се овозможува надминување на јазичните бариери во меѓусебното разбирање.
На хепенингот присуствуваа и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и високиот претставник на канцеларијата на ЕУ во Република Македонија, Роберт Лидел.
Поздравувајќи ги присутните, градоначалникот Заев го истакна значењето на познавањето странски јазици и им порача на младите да не се штедат во нивното изучување.
-Кај нас, учењето на странски јазици започнува уште од најрана возраст а во подоцнежното школување учењето на два странски јазика е задолжително за сите ученици, но постоењето на школи за странски јазици овозможува учење на странски јазици за сите граѓани, без разлика на која возраст се. Општина Струмица пак, дополнително поддржува, иницира и спроведува проекти кои се во доменот на изучување на странските јазици, покажувајќи го притоа на дело своето европско размислување, европски начин на работа и европска ориентација. Така е, така и ќе остане во иднина со стремеж кон збогатена мултилингвалност. Ако јазиците се мостови меѓу културите, тогаш денешното одбележување на Европскиот ден на јазиците во Струмица, нека биде камен темелник за изградба на нови такви мостови, рече градоначалникот Заев.
Високиот претставник на канцеларијата на ЕУ, Роберт Лидел, зборуваше за потребата од донесување на одлуката од страна на Советот на Европа, овој ден да биде посветен на јазиците и културите во Европа.
На 6 декември 2001 година, Советот на Европа донесе одлука 26 септември да се одбележува како Ден на европските јазици.
Пред креативниот хепенинг, градоначалникот Заев и високиот претставник на ЕУ Лидел, имаа работна средба во кабинетот на градоначалникот.