Сведокот за масовното прислушување на СЈО, Звонко Костовски кој ги сними телефонските разговори на денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“, на прашање на обвинителите рече дека на посебен компјутер, надвор од УБК, биле репродуцирани, транскриптирани прислушуваните материјали.
„Во стан во зграда кај железничка, позната како „парламентарка“, имаше посебен компјутер поврзан со зградата на одделот за оперативна техника и беше во постојана криптирана комуникација по барање на Горан Грујевски за да не мора логистичарот да оди секојдневно во тие простории и да ги презема материјалите, за да не се создаде сомнеж кај останатите жители во зградата”, рече сведокот Звонко Костовски.
Судењето продолжува со сослушување на Костовски. СЈО побара при испрашувањето, да го приложи и храд дискот со бомбите најдени кај Костовски, на што се противеа адвокатите на обвинетите. Костовски е вториот сведок на СЈО.
Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Васко Маглешов