Горан Трајковски кој работи како доктор во Германија, патувал од Нинберг до Минхен бидејќи од македонскиот конзулат таму преку мејл му закажале термин за сликање за пасош, но кога тој се појавил таму се соочил со шок.
Одговорното лице кое го пречекало на шалтер во конзулатот му кажало дека тој нема термин за сликање, иако во мејлот му било прецизно наведено дека тој треба да се појави таму во 11 часот.
По кратката вербална расправија, тој своето негативно искуство со конзулатот го сподели на социјалните мрежи.
„Поради нечија неписменост јас не сакам да плаќам. Барам од амбасадата во Минхен да превземе одговорност и да ми ги надокнади трошоците од изгубениот ден на работа, бензин и психички стрес“, вели Трајковски во своето излагање на Инстаграм.
Како одговор на неговото видео на Инстаграм, се надоврзаа и македонски државјани од повеќе држави низ светот кои пријавуваат речиси идентични проблеми со тамошните амбасади и конзулати на Македонија.
Трајковски се надева дека овој случај нема да добие партиска обоеност, но сака да повлијае на тоа македонските претставништва низ светот да го подобрат својот квалитет на работа и да им се олесни животот на македонските иселеници.