„Со денови се повеќе и поотворено јавно се покажува хаосот и башибозукот кој што владее во МВР. Аферата МВР – ТУРС за жал не е кулминација. Замислете, директор на Бирото за јавна безбедност злоупотребува службен џип за да го пренесе друштвото на својата ќерка на одмор во авто – камп во Грција и притоа да застанува по продавници“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Жртвувањето на директорот на БЈБ нема да ги реши проблемите во МВР. Нема да ги реши ниту обидот за дефокусирање со измислени „големи акции“ против наводни екстремисти или против поранешни градоначалници, само и само за да се оттргне вниманието од аферите поврзани со Оливер Спасовски. Бидејќи, токму кај него, кај министерот Спасовски лежи најголемата одговорност. Неговата партизација на полицијата и ставањето на МВР во партиска функција ја претвори Република Македонија во државата во која граѓаните не се чувствуваат безбедни. А, за тоа не може да ја понесе одговорноста само туроператорот Лазе Велковски.
Оливер Спасовски мора да одговори зошто пет дена го криеше скандалот? Спасовски мора да каже кога и кому директорот на БЈБ ги пријавил заканите? Ако воопшто постоеле закани, какви биле тие закани и за што? Што има МВР преземено по тие закани и колкумина се приведени? Доколку МВР на Спасовски не апси и не може да открие кој му се заканувал на директор на Бирото за јавна безбедност за да биде гарантирана неговата безбедност, може ли Спасовски воопшто да гарантира безбедност на граѓаните и на државата? Дали пак можеби инсистирањето на оставка е дел од внатрешните пресметки во МВР откако директорот, познат како туроператор Велковски, неодамна го приведе Драган Симоновски, советникот и близок соработник на Спасовски?
Почитувани, партизацијата во МВР под Спасовски не ни може да даде поинакви резултати, освен низа афери поврзани од притисоци за формирање од општински совет во Гостивар до МВР – ТУРС, тепани полицајки од пајаци, нерасчистени криминал и свирепи убиства, опожарени возила и имоти, и само и само насилни акции против политички неистомисленици, критичари на актуелната власт и против пратеници, што всушност е евидентирано и од народниот правобранител.
Оливер Спасовски, престани да се криеш зад туѓа одговорност и поднеси оставка од местото кое е клучно за внатрешната безбедност на државата. Безбедноста на граѓаните не смее да биде заложник на клановските борби во СДСМ, ниту пак МВР и функционирањето на полицијата да бидат нивно внатрепартиско бојно поле. Европската иднина на Република Македонија не смее да заврши во авто – камп во Грција. МВР на Република Македонија мора повторно безрезервно да ја гарантира безбедноста на граѓаните, а тоа не е возможно додека Оливер Спасовски е министер за Внатрешни работи на Република Македонија“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.