ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ го обвини Спасовски дека криминалот цвета, тој вели е подобро од времето на Јанкулоска

Од:

Собранието денеска во рамките на 86. седница расправа по поднесената интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, го праша министерот да ја разреши дилемата дали навистина Стево Пендаровски е следен од тајни служби или тоа било само за да се сврти вниманието кон нивниот кандидат за претседател.

Милошоски оцени дека полицијата се користи како инструмент за злоупотерба и селективност, при што луѓе блиски до власта се штитат, а се гонат политички неистомисленци.

„Не ми е јасно дали и колку е следен Пендаровски од тајни служби. Слушнавме 4-5 изјави, министерот на крајот даде изјава дека тоа не биле тајни, туку Твитер-служби. Понатаму, имате селективност, а за тоа пример е градоначалникот Боро Стојчев, шверцер на цигари и криминалец кој доби обвинение за шверцување во обид, затвор 18 месеци, а издржа само пет. Овој градоначалник е пример за функционирањето на правдата на СДСМ“, истакна Милошоски.

Го спомена и убиството на Мартин Нешкоски и праша дали убиството на Мартин Нешкоски заслужува внимание, чиј убиец замина во затвор, а животот на Мартин Јанушев е помалку вреден и зошто неговиот убиец не е во затвор, туку шета на слобода во Белград“, рече Милошоски.

Оливер Спасовски ги отфрли обвинувањата како тенденциозни и нецелосни и рече:

„Отфрлам присуство на какви било странски служби во случајот со Стево Пендаровски, нема жолти комбиња, тоа време заврши. Не знам каде ја гледате селективноста, каде што еден градоначалник, кој ја злоупотреби положбата, си доби заслужена казна. Во ваше време немаше затворено ниту еден градоначалник иако имаше многубројни злоупотреби на функцијата. Што се однесува до Јанушев, има разлика. Ние не го скривме случајот, а вие сакавте да му помогнете на убиецот да остане на слобода“, рече Спасовски.

Милошоски рече дека е задоволен од одговорот од кој заклучил дека Пендаровски не е цел на тајни служби, туку станува збор за лажна вест за да се замајува јавноста.

Во одбрана на работата на Спасовски се вклучи пратеникот Горан Мисовски од НСДП, кој рече дека полицијата се злоупотребувала во времето на Јанкулоска и ВМРО-ДПМНЕ и ги спомна 24 декмеври, црниот понеделник и спектакуларните апсења на политички неистомисленеици во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

„МВР беше најбрутално злоупотребена на 24 декември кога беа исфрлени пратеници и новинари. Вие се смеевте и не реагиравте, а тогаш бевте и потпретседател на Собранието. На Љубе Бошкоски му ставивте пиштол во устата кога го апсевте, го малтретиравте Фиат Цановски и со динамит му ја срушивте најголемата инвестиција. Не можете да правите споредба меѓу Јанкулоска и Спасовски, да не го споменувам 27 април во целата приказна“, рече пратеникот Мисовски.

Милошоски само кусо реплицира и рече: „Во 2006 година, за да биде Гордана Јанкулоска избрана за министер за внатрешни работи, вие многу помогнавте и за тоа многу ви благодарам“, рече тој додавајќи дека нема понатамошен коментар.

На седницата зборуваше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој од говорницата упати критики за работата на Спасовски во делот на зголемување на криминалот, рекет, корупција, политички прогон, небезбеден притвор и воопшто дека Спасовски придонел граѓаните да не се чувствуваат безбедно откога дошол на функција поради што побара негова оставка.

Единствена преостаната точка на 86. седница е интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, поднесена од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од досегашната реторика може да се заклучи дела пратениците повеќе ја користат говорницата за партиски престрелки.

Габриела Димковиќ-Мишевска

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште