(ВИДЕО) Владата гази по Уставот додека Мајка Тереза ги убедува жените да не абортираат

Од:

Владата не престанува да се меша во правото на жената да одлучува за сопственото тело и со кампањите против абортус продолжува да ги жигосува и дискриминира жените, како и да им ја одзема родовата рамноправност. Кампањите во комбинација со Законот за спречување на бременост, кој беше донесен во 2013 година, се поставуваат рестриктивно кон жената и ја ограничуваат сама да донесе избор, велат поборниците за човекови права.

Владините анти-абортус кампањи се еден од најголемите проблеми на кој посочија невладините организации кои денеска го одбележаа Глобалниот ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус. Од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА бараат измена на законот за абортус, а од Владата бараат да го сопре производството и емитувањето на ТВ спотови кои пропагираат анти-абортус политика и кои им сугерираат на жените што да изберат.

На денешната национална конференција во организација на ХЕРА, беа присутни и говореа претставници од речиси сите политички партии, но не и од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија не било ниту одговорено на поканата, додека Теута Арифи од ДУИ го откажала присуството.

Марта Шостак, од секретаријатот АСТРА, Федерација за жени и семејно планирање, ги претстави состојбите во политиките за абортус во земјите на Централна и Источна Европа. Според неа, токму националистичките влади во регионот се одговорни за законски регулативи кои го ограничуваат правото на жената.

-Македонија е добар пример како мала промена во законската регулатива може да ја ограничи жената. Одредбите преставуваат пречка до легален абортус и се наменети за тоа. Вообичаеното правдање на институциите е дека абортусот не е забранет, но некои болници во Источна Европа веќе јавно кажуваат дека се против абортус и одбиваат да го извршат. Ова е поттикнато од десничарските влади и националистичките идеологии – рече Шостак.

Професорката од правен факултет, Каролина Ристова-Астеруд, уште еднаш ја осуди одлуката на Уставен суд кој ја одби иницијативата на повеќе граѓани за оспорување на Законот како противуставен. Таа рече дека е срамно одбивање на Уставен суд да го заштитит Уставот. Астеруд смета дека борбата за родова еднаквост треба да се врати назад во политиката преку измени во Законот.

-Оневозможувањето на правото на жената се прави на кукавички начин преку административни пречки иако самата власт тврди дека правото на избор на жената е уставно загарантирана слобода. Владата го користи буџетот за да прави кампањи против Уставот. Едно е политичка партија со свои средства и за своја кауза, но со државни пари да водите ефективна кампања против Уставот на сопствената земја, тоа е нешто невидено – вели професорката.

Од ХЕРА посочуваат на последната владина пропаганда преку цитатот на Мајка Тереза кој почна да се емитува по медиумите во септември оваа година. Како и рекламата за Бетовен, дека доколку мајката на композиторот абортирала, денес не би ја имале „Одата на радоста“, така и цитатот на Мајка Терерза има за цел да убеди дека абортусот не е правилен избор.

Наспроти цитатот кој се пренесува низ македонските ТВ-канали дека абортусот „посеа насилство и раздор“, ХЕРА го цитираат извештајот на Комитетот за човекови права при Обединетите нации во Женева, од јули годинава, каде се препознава уназадување на правата на жената во Македонија.

„Државата треба да избегнува спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Таа треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, со цел да ги елеминира сите процесни пречки што би довеле до тоа жените да прибегнуваат кон нелегални абортуси со кои животот и здравјето им се ставаат во ризик“, препорачува Комитетот.

Би можело да ве интересира

Трамп се предомисли, ќе гласа против заштитата на правата за абортус

Индонезија: Полицијата ќе биде единствената која ќе го одобри правото на абортус за жртвите на силување

ЛДП со иницијатива: Да се воведат лековите со кои се врши медикаментозниот абортус на позитивна листа на лекови

Доналд Трамп: Забранувањето на абортусот по 15-та недела од бременоста изгледа разумно

Франција абортусот го прогласи за уставно право

Форумот на жени на ЛДП: Таблетарната терапија за прекин на бременост да биде дел од позитивната листа на лекови