ВИДЕО: „Види го детето, не попреченоста“- Владата и УНИЦЕФ обединети за децата со попреченост

Од:

Под мотото „Види го детето, не попреченоста“, канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска ја промовираше македонската верзија од Меѓународната класификација на функционирање, што се очекува да направи промена во начинот на кој се гледа и се одговара на потребите на децата со попреченост.

-Владата на Република Македонија се определи за инклузивно општество на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од граѓаните. Оваа Влада одлучи, ние ќе го гледаме детето, а не попреченоста, изјави премиерот Зоран Заев во обраќањето на промоцијата.

Заев смета дека е достижно да се создадат услови децата со попреченост да се оспособат и кога ќе пораснат да можат да работат.

– Мајка на четиригодишно девојче со Даунов синдром пред извесно време ме праша, дали мојата ќерка некогаш ќе може да работи. Ова прашање на загрижената мајка е наша обврска да одговориме дали е достижно да се справиме со ваквите предизвици. Тврдам оти тоа е достижно, истакна Заев.

Достижно е, рече, ако го пренасочиме нашиот поглед кон целта за која денеска говориме, а тоа е да овозможиме општество без пречки за лицата со попреченост, рече премиерот.

Заев истакна дека Владата го поддржала меѓународниот документ на УНИЦЕФ, Меѓународната класификација на функционирање, базирана на пристапот што децата можат, место што не можат.

– Како Влада, преку Министерството за труд и социјална политика почнавме да работиме на формирање на две пилот комисии за функционална проценка на способностите на децата со попреченост, што од следната година ќе работат во два региони во Македонија. Тие ќе ги следат децата со пречки во развојот. Што тие можат. Дали можеби им е развиена рачната моторика и можат да удираат печати, на пример. Дали моториката на нозете. Дали се брзи во одредени физички активности, или брзо мислат. Секое дете носи во себе голем потенцијал, рече Заев.

Пристапот, додаде, да ги утврдиме нивните способности, место да се фокусираме на нивните слабости, ќе овозможи да им обезбедиме соодветно образование.

– Тоа понатаму ќе им овозможи самостојност и самодоверба во работата и животот, рече Заев во обраќањето.

Според него, тие сами или со соодветна поддршка ќе бидат активни на пазарот на трудот и ќе придонесуваат во семејството, а со тоа ќе придонесуваат во развојот и унапредување на општеството.

Заев истакна дека е почнат и процес на деинституционализација,и место институции во кои се сместени стотина деца, ќе се формираат мали групи со по пет деца кои ќе добиваат соодветна стручна и здравствена поддршка и оти за овој проект веќе се обезбедени средства во буџетот за 2018 година.

Тој им се заблагодари на УНИЦЕФ за поддршката и за помошта и рече дека како Влада ја преземаат обврската и да ги отворат можностите и шансите за децата со попреченост.

Истакна дека Република Македонија е потписничка на меѓународната конвенција на правата на лица со попреченост, и оти обврска на државата е да им овозможи на овие наши сограѓани квалитетен живот и функционалност во секојдневното живеење. – Многу наши сограѓани со попречености не се функционални поради недостигот на соодветни и технични услови во средината во која што живеат, додаде Заев.

Тој наведе анкета на УНИЦЕФ според која на прашањето дали вашето дете некогаш се дружело со некое друго дете или возрасен со попреченост, дури 79 проценти рекле не.

– Мнозинскиот впечаток е дека децата со попреченост немаат можности да го развијат личниот потенцијал како другите деца, додаде Заев.

– Да и одговорам на загрижената мајка и на сите оние кои си го поставуваат прашањто за иднината на децата со попреченост, да, вашата ќерка ќе може да работи, заклучи Заев и додаде дека Владата презема обврска да го извлече потенцијалот на децата со попреченост.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, истакна дека во земјата има околу 21.500 деца кои имаат некаква попреченост.

– Над две третини од нив не посетуваат училиште, а тоа пак го нарушува нивното право на игра, градење релации, развивање на својот идентитет и оставрување на потенцијалот, рече тој.

Најлошото е тоа што во руралните средини децата се скриени од заедницата поради срам и стигма, или пак чмаат во студените осамени институции како во Демир Капија, каде не добиваат љубов и внимание, за кои најсигурно знаеме дека се накпотребни на секое дете.

Според него, тоа може да се промени преку системски реформи и кампањи за подигање на свеста.

– Ќе ја продолжиме нашата работа со владата, граѓанскиот сектор и медиумите, за да бидеме сигурни дека не постои ќоше во земјата од Дебар до Делчево, од Куманово до Гевгелија и насекаде помеѓу, каде децата со попреченост остануваат невидливи, а за нивната ситуација не се зборува, рече Перкс.

За да ја подобриме состојбата на децата со попреченост неопходни се итни реформи. Мораме да го гарантираме правото на секое дете да учи, неопходна е поддршка од семејствата и неопходна ни е соодветна класификација на способностите и капацитетите на секое дете, додаде Перкс.

Според него, МКФ дава нова перспектива на лицата со попреченост, бидејќи се фокусира на способноста, а не на лицата со попреченост и овозможува разбирање на она што лицето може да го направи, со што ќе се обезбеди оптимална вклученост, исполнување на потенцијалот и квалитетен живот на децата со попреченост.

Меѓународниот експерт Андреас Мартинуци истакна дека МКФ не е волшебно стапче, туку начин на гледање на функционалноста и попреченоста во согласност со конвенцијата на ОН.

На сцената излегоа и пијанистката Ема Ананиевска, студентката и лице со Даунов синдром Нина Костеска и малиот Јане Велковски, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА), чија фотографија покрај постерот на неговиот идол Кристијано Роналдо на арената Филип Втори објавена на инстаграм профилот на УЕФА, го обиколи светот.

За дел од нив, конкретните дела ги намалуваат предрасудите.

Инаку, пред крајот на самиот настан, што се одржа во хотелот „Мериот“, присутните беа замолени мирно да ја напуштат салата откако се вклучи безбедносниот аларм. Поголем број од присутните почнаа полека да ја напуштаат салата, по што се појави готвачот кој информираше дека алармот се вклучил поради палачинките кои во исто време се подготвувале за коктелот.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада