Белгискиот експерт, Питер Ванхауте, денеска изјави дека во преговорите за изборниот законик постигнат е напредок за речиси сите прашања освен за гласањето на дијаспората.
Преговорите се уште траат, рече тој, и партиите се уште имаат различни позиции по одредени прашања. Сепак, мора да сфатат, додаде, кога се носи компромис, мора да се откажат од нешто.
– Кога постигнуваш компромис даваш нешто и добиваш нешто за возврат, тоа сакам сите партии да го сфатат. Не можеш се да добиеш, сакам да постигнеме компромис и добро решение, тоа е се што ни треба. Постигнавме приближување на позициите за избирачкиот список и за повеќето од прашањата, остануваат некои како гласањето на дијаспората. Има помалку разбирање за таа тема.
– Исто така не е решено прашањето околу гласањето на ДИК, важно тело во организацијата на изборите. Предложивме да се употреби советувачки механизам, наместо да се блокира донесувањето одлуки во Комисијата. Администрицацијата во тоа би играла голема улога. Тоа би требало да биде прифатливо за сите партии, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите – рече Ванхауте.
Маја Васева