Пукотници налик од огнено оружје се слушаат на снимка објавена на социјалните мрежи од скопски Сарај, каде што обраќање имаше и кандидатот за пратеник, но и доскорешен директор на Центарот за јавно здравје-Скопје, Арбен Зибери.
Освен еуфоријата и гласното скандирање, во дел од снимката се слуша и извикување како „Умри Филипче“, што најверојатно доаѓа по разрешувањето на Зибери од директорката позиција од страна на министерот Венко Филипче. Гласното скандирање следуваше веднаш по обраќањето на Зибери пред поддржувачите на ДУИ.
Од снимката е забележително дека насобраниот народ не ги почитува ниту препораките за заштита од коронавирусот, бидејќи голем дел од нив не носат маски, а пак, оние што носат, ги чуваат под уста. Поддржувачите не одржуваат меѓусебна дистанца, ниту пак дистанца од докторот Зибери.
„А1он“ се обрати до МВР, но не доби одговор дали е пријавена употреба на огнено оружје или пукотници во Скопје. Засега, нема информација ниту дали непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот е казнето.
Инаку, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прогласи победа со освоени над 100.000 гласови на предвремените парламентарни избори.