(ВИДЕО) Тренчевска: Отворен првиот мал групен дом за лица со попреченост во Велес

Од:

Деинституционализацијата продолжува, порача министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, од Велес каде денеска ја промовираше првата единица за живеење со поддршка, во која се сместени пет поранешни корисници на Специјалниот завод Демир Капија. Согласно индивидуалните потреби на корисниците, 24 часа се грижи тим од негуватели и стручни соработници, од „Здружението на лица со церебрална парализа и други попреченост – Велес“.

Според министерката спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, и во услови на пандемиска реалност, е еден од врвните приоритети на Министерството за труд и социјална политика.

„Со деинституционализацијата на лицата со попреченост се овозможува инклузија на лицата и воедно се дава шанса тие да дадат свој придонес во општеството. Треба да ги заборавиме и да ги отстраниме сите предрасуди, стереотипи поврзани со лицата со попреченост. Малиот групен дом на новите станари им дава можност да се чувствуваат рамноправни жители на заедницата бидејќи домот во кој живеат, не се разликува по ништо од оној на соседите. Тие веќе имаат секој своја соба, свое шкафче и свое интимно катче. Поради задоволството, условите и грижата што ја видов овде, за овие лица, ние ќе продолжиме со истата посветеност, затоа што сме убедени дека никој не смее да живее на маргините од општеството. Деинституционализацијата е долгорочен процес и бара континуирани напори и посветеност, но истовремено не доближува до европските практики и стандарди на полето на социјалната заштита,“ рече министерката Тренчевска.

Таа порача дека соработката помеѓу Министерството, граѓанските здруженија и локалната власт, во примената на социјалните услуги, покажува како се гради едно општество за сите. Ги повика здруженија да се лиценцираат за давање социјални услуги, како предуслов за добивање на финансиски средства од државата. Информираше дека наскоро во Општина Демир Капија ќе се отворат две нови станбени единици и дека новиот тригодишен Акциски план за спроведување на Националната стратегија за деинституционализација во периодот 2022-2024 година наскоро ќе биде објавена.

Претседателка на „Здружението на лица со церебрална парализа – Велес“, Далиборка Златева, рече дека како прв лиценциран давател на социјалната услуга – живеење со поддршка, во Општина Велес, подготвени се за нега, грижа, социјализација и интеграција во општествениот живот на лицата со попреченост и дека во наредниот период очекуваат да се отворат уште четири дома.

„Да градиме свет без бариери со еднакви можности за сите“, рече Златева.

Според градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев грижата за најранливите е одговорност на целото општеството и затоа е непоходно подигнување на јавната свест и прифаќање на овие лица како рамноправни чинители, кои понатаму ќе можат да дадат придонес кон локалната заедница.

Раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Стефан Худолин, рече дека ќе продолжат со поддршката и соработката во интерес на граѓаните.

„Нашите општества мора да научат да се борат против дискриминацијата и различноста да ја гледаат како позитивен елемент“, рече Худолин.

Деинституцонализацијата започна во 2017 година, кога во резиденцијалните социјални установи во земјата беа сместени повеќе од 480 корисници – деца и возрасни, со и без попреченост. Денеска во овие установи има помалку од 240 лица, но ниту едно дете под 18-годишна возраст. ​

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

Уставен ја укина одредбата од законот според која на лицата со тешка попреченост над 65 години не добиваа парична помош

Орце Костов

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Владата ја усвои Новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ: Се загуби 70-годишната траекторија во образовниот процес на лицата со попреченост

МТСП: Лицата со попреченост заслужуваат подеднакво можности за развој, затоа оваа Влада континуирано инвестира и во социјалната заштита