Овие работи се специфични само за авторитарни држави, тогаш кога тој што практично ја води државата сака да има информации, да навлезе во интимата на секој граѓанин, на секој носител на јавна функција, вели претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Мислам дека се работи за материјали добиени од системите за прислушување и тие се основа за да се преземе една темелна истрага. Јавниот обвинител мора да спроведе една опширна, јавна, транспарентна истрага и тие информации коишто се презентирани на еден или на друг начин да ги документираат и зависно од тоа дали ќе се покажат како точни информациите, да спроведат соодветна постапка, се основа за проширување на активностите на Јавниот обвинител или продлабочена истрага – вели Трајанов.