При денешната посета на Клиничката болница во Штип, каде што беше отворен новиот Центар за интервентна кардиологија, министерот за здравство Никола Тодоров најави дека бањскиот комплекс „Кежовица“ во Штип најверојатно ќе му биде доделен на Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Предлогот е, а ќе видиме како ќе помине на седница на владата, бањата ‘Кежовица’ да му се додели на универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип во еден поголем дел, а еден дел да остане под Министерството за здравство. Универзитетот би имал обврска да ја реконструира и во бањата практично да се одвива наставата на Медицинскиот факултет во делот на физикалната терапија и на тој начин би постигнале двојна функција, наставна и апликативна“, изјави министерот Тодоров.
Дел од средствата за реализација на овој проект ќе бидат обезбедени од страна на Министерството за здравство, но, сепак, поголемиот товар би паднал на Универзитетот.
Според министерот Тодоров, и покрај тоа што дел од изворот веќе е даден под концесија, сепак, загарантирана е определена количина вода што би се користела од страна на бањскиот комплекс.
Во текот на последните неколку години беа направени неколку обиди за реновирање на овој бањски комплекс преку јавно приватно партнерство, но, за жал, сите завршија неуспешно.
М.Р.