Наместо процедурално, Талат Џафери отвори гласање за дневен ред. За него, 68 гласаа „за“, а 38 пратеници „против“, воздржани немаше. За тоа време, Борислав Крмов од Левица бараше збор и стоеше на говорница, а Џафери цитираше правила.
„Седнете на место“, рече Џафери, а Крмов врати „Ја прекршивте процедурата“, на што Џафери посочи „Да ти објаснам“.
На реакцијата на Крмов дека Џафери ја прекршил процедурата, собранискиот спикер не дозволи да говори.
„Оди на место“, рече Џафери, а Крмов не сакаше и остана на говорницата.
„Оди на место, Апасиев не беше тука, можеше да се пријавиш за процедурално додека тој не е тука. Овде не можеш да се тепаш“, кажа Џафери.
„Тука тепаат само, така?“, врати Крмов.
„Не тепаме ние никого“, одговори Џафери.
Собранискиот спикер посочи дека Крмов не сака да земе процедурално, по што, ја отвори првата точка за дискусија, односно точката за францускиот предлог.
Откако Крмов не се повлече на пратеничкото место, Џафери, почна да ја објаснува процедурата. Расправијата продолжи.
„Не го узурпирајте правото, системот ме признава, вие не ме признавате“, посочи Крмов, а Џафери врати: „Сакаш ли збор или не сакаш? Оди на место ако сакаш збор“.
Крмов отиде на место, за да добие збор.
„Нема излегување на говорница без да добиете збор. Никој не може, додека не дадам збор. Вие излегувате без“, врати Џафери повикувајќи се на Деловникот.
„Со системот ви е потешко да правите злоупотреби, ама продолжувате. Системот ме покажа прв за процеудрално со зелено, а за едно процеудрално, ме терате обезбедување да интервенира. Јас треба да се тепам тука за моето право кое народот ми го дава, не вие. Вие раководите по книга, а не како вас ви се сака. Посебно не денес. Што треба да направам јас тука за да добијам права? Да застанам на говорница да искршам микрофони? Кога ќе дојде некој од обезбедување да му тупосам една? Оти ја не давам никој мене да ме пипне. Јас имам имунитет, пратеник сум, толку. И тука и надвор“, реагираше Крмов.