Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески и со останати претставници на комората. На средбата беше заклучено дека двигател на домашната економија треба да бидат домашните фирми силно поддржани од државата којашто треба да обезбеди добра бизнис клима за напредок на домашната економија. Претседателот на СДСМ Заев истакна дека приоритет во Планот за живот се токму домашните претпријатија и развојот на домашната економија.
„Денеска имавме навистина голема чест, дел од раководните структури на Стопанската комора на Македонија да овозможат време, во неработен ден, да им ја презентираме нашата економска програма, решенијата со коишто Македонија има намера да се посвети во функција на решавање на економските проблеми во ова наше општество.
Имавме што да кажеме, но имавме и што да научиме. Овде се деловни луѓе кои даваат плати, обезбедуваат даноци за државата, но и се двигатели на севкупниот развој во нашата економија.
Она кое што верувам во периодот што доаѓа пред нас секако доколку ја добиеме честа и одговорноста да ја водиме државата претставува една можност идната Влада да користи сериозен капацитет којшто ќе биде од помош на севкупниот развој во Македонија.
Јас сум убеден дека ние политичарите можеме многу да научиме од деловната заедница.
Драго ми е што имаме инкорпорирано еден значаен дел од проблематиките коишто го тиштат бизнисот и деловната заедница во Македонија како би можело побрзо да се изнајдат решенија заради тоа што решенијата во бизнисот значат и решенија во Македонија.
Успешен бизнис значи нови работни места, значи повеќе пари во буџетот и значи севкупен економски развој и општа благосотојба во Македонија“, изјави по средбата Зоран Заев.
„Јас сакам да се заблагодарам на Социјалдемократскиот сојуз и претседателот Заев што не испочитуваа како најголема и најбројна бизнис заедница да ни ја презентираат нивната програма. Можам да кажам дека од разговорите со политичките субјекти во Македонија има една позитивна страна има консензус околу инсталирање на бизнисот во врвот на агендата во политиката на Македонија која што не беше така и која што секој ден зема поголем замав.
Тоа го потврдија и денеска претставниците на Социјалдемократскиот сојуз кои не убедија дека во врвот на нивна агенда и со преку седумдесет проценти од нивната програма ќе биде бизнисот.
Она што сакам да го потенцирам, тоа е дека еден поранешен британски премиер пред сто години кажа дека подобро да ги имаш коморите и стопанството како соработник во конципирањето на законите отколку како противник во имплементацијата. Тоа е суштината на нашите разговори денеска. Како сите тие добри желби со кои што настапуваме и едните и другите во имплементацијата нема да бидат разочарување ниту за нас, ниту за политичките елити.
Значи суштината е да се зголеми степенот на одговорноста бизнисот да биде во врвот на приоритетите. Да продолжат капиталните инвестиции, да се подобри состојбата во правосудството, да се изедначат домашните со странските компании, да се даде ветар во едрата на компаниите и на таков начин да постигнеме раст кој што може да не прави конкурентни, компетитивни на другите пазари затоа што ние сме мала земја и без тоа не можеме да одиме напред.
Така да основните заложби на Комората остануваат во големата слика дефинирани на три точки, на три столбови. Постигнување на договор меѓу јавниот и приватниот сектор за нивните меѓусебни релации во текот на владеењето.
Второто е изготвување на една стратегија за долгорочен економски развој како би се овозможиле предвидливост на бизнис заедницата во креирањето на инвестиционите политики и затоа разговаравме дека е потребно да се направи пописот конечно во Македонија за да може да се изработи таа стратегија во којашто ќе бидат сите чинители значајни.
И трето за да не биде ова од наша страна демагогија, ние кажавме дека како најголема и најбројна бизнис заедница сме спремни да разговараме за моделирање на коморскиот систем на Македонија во функција на развој на државата.
Значи отворени сме за секаков дијалог на таа тема.
Така да гледано, на крајот заклучувам дека ние може да бидеме како бизнисмени и лако бизнис заедница задоволни дека на високо место ќе биде рангиран приоритетот, економијата, а тоа овозможува развој на државата и подобара ситуација за сите, и за фирмите, и за граѓаните“, рече Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.