Миле Зечевиќ, советникот на премиерот, Зоран Заев, за адвокатски услуги лани наплатил повеќе од 77 илјади евра за ангажман од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Парите му биле исплатени за составување предлози за донесување нотарски платни налози.
„А1 он“ веќе објави дека на Зечевиќ лани бил на листата адвокати и на компанијата „МЕПСО“, што ја потврдува тезата дека секоја власт има свои адвокати кои добиваат пари за услуги од државни компании, агенции или јавни претпријатија.
„Сè е во согласнот со законите. Ниту е во спротивност со Законот за судир на интереси, ниту со Законот за адвокатура. Адвокат сум повеќе од 15 години и работам доследно и принципиелно. Сите страни имаат еднаков третман. Ангажманот кај премиерот е советодавна функција, а институциите бараат луѓе од доверба кои ќе бидат сигурни“, рече Зечевиќ.
За претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, еден од главните адвокати беше Никола Додевски. Тој во 2017 година само за услуги на „Водовод и канализација“ добил над 260 илјади евра за платни налози, застапување и изработка на договори.
Со смената на власта, ова јавно претпријатие ангажира нови адвокати. На листата се наоѓа и адвокатското друштво „Де леге“, каде што еден од сопствениците е и пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева. Минатата година ова адвокатско друштво добило приближно 48 илјади евра од ова комунално претпријатие.
Калеска – Ванчева во изјава за „А1 он“ рече дека во моментот кога станала пратеничка ја ставила во мирување адвокатската функција.
„Имам формално решение од Адвокатската комора и од Централниот регистар. Во канцеларијата работат други адвокати, а јас ниту сум овластено лице, ниту пак смеам да се појавувам како застапник“, вели таа.
„Водовод и канализација“ го ангажирало и адвокатот кој го застапуваше СДСМ, Стевица Јосифовски. Тој добил 37,5 илјади евра за составување предлози за донесување нотарски платни налози и застапување. Јосифовски годинава беше избран за член на Агенцијата за електронски комуникации.
Ексминистерката за правда од СДСМ, Мери Младеновска Ѓорѓиевска, од „Водовод и канализација“ добила 38 илјади евра. Таа беше и на платниот список на МЕПСО за адвокатски услуги од каде лани имаше добиено над 12 илјади евра.
Младеновска од почетоков на годинава е ангажирана и во кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев како советник од за деловно право и за тоа зема хонорар од 80 илјади денари.
Само во минатата година „Водовод и канализација“ потрошило над половина милион евра за адвокатски услуги, а рекордни 565 илјади евра потрошило во 2017 година. На списокот е и адвокатското друштво „Ристовски Вујиќ“, каде работaт членови на семејството на заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.
На листата од 15тина адвокати кои лани биле ангажирани од „Водовод и канализација“, се наоѓа и младиот велешки адвокат Марко Димов кој добил околу 305 илјади евра за двегодишен ангажман, а 1.600 евра добил адвокатот Зоран Михајловски, поранешен апелациски судија.
Иако јавните претпријатија и агенции имаат правни служби задолжени за решавање на правните прашања, огромни суми се одлеваат за ангажирање адвокати, најчесто блиски до власта. Со законските измени од 2016 година, договорите со нив се склучуваат во четири очи.
„А1он“ во следниов период ќе продолжи со серијата истражувања за ангажманот на адвокатите блиски до актуелната власт во јавните претпријатија и агенции.
Васко Маглешов и Мери Јордановска