Редици, турканици, расправање и врескање има пред вакциналниот пункт „Букурешт“ од утрово. Околу стотина возрасни и помлади граѓани чекаат да бидат вакцинирани. Се чека со часови. Поради метежот, полицијата се обидува да воведе ред. Редици има од ходникот на пунктот до паркингот на поликлиниката. Ваква е сликата пред Букурешт од 7 часот наутро, со самото отворање. Во вакциналниот пункт има од вакцините на „Астразенека“, „Фајзер“ и „Синовак“.
„Што не се расправајте, од сабајле ли треба да чекам тука“, врескаше изреволтиран граѓанин кој чека пред поликлиниката „Букурешт“, па откако му беше посочено да не се нервира, со гласно викање додаде: „Што не се нервирај, чекам ред од сабајле“.
Ваквите турканици и чекањето со часови доаѓа во време кога во Македонија има речиси 400 заразени дневно. Властите апелираа за вакцинирање, но пред пунктовите речиси и не се почитуваат мерките за дистанца. Неретко, поради високите температури и задушливото време, граѓаните ги вадат и маските бидејќи се задушуваат. По примената доза вакцина, граѓаните се сместуваат надвор, каде што на високите температури чекаат и по 15 минути за да се види дали ќе се јават евентуални несакани ефекти од неа.
Напливот на граѓани кои бараат вакцина доаѓа непосредно откако Владата воведе мерки со кои налага во угостителски објекти да влегуваат само вакцинирани граѓани.
Нашата држава е една од ретките каде што сертификатот за вакцинација ќе биде единствен услов да се присуствува на настани на отворено – во голем од останатите држави оваа можност постои и доколку имате негативен тест за Ковид-19 или, пак, сертификат за антитела по прележан Ковид-19, со цел да не се дискриминираат лицата кои не смеат да примат вакцина или, пак, оние кои неодамна го прележале коронавирусот, па мораат да почекаат извесен период од барем еден месец пред да ја примат.