Седумдесетгодишната Македонка Зафирова од Велес добила телесни повреди и тешка психичка траума во саботата кога се спроведувала постапка на извршување за одземање на нејзиниот стан. За извршувањето таа не била известена и дознала од соседите.
Кога се обидела да ги вразуми лицата испратени да ја спроведат конфискацијата на нејзиниот имот и да им објасни дека не добила никакво известување за тоа и дека станува збор за неправда, била насилно турната, најпрвин од кираџиката на која ѝ го изнајмила станот, а потоа со туркање, влечење по земјата и со навреди од страна на еден од четворицата полицајци била принудена да замине.
При интернистички преглед е констатирано дека Зафирова има повреди по телото, покачен крвен притисок и психичка траума. Од МВР ни рекоа дека со постапка за внатрешна контрола ќе се истражи дали полицијата употребила прекумерна сила.
Овој настан е само ескалација на голготата што велешкото семејство Зафирови со години ја минува барајќи ја правдата во судските лавиринти. Измамени се и за други случаи.
При посетата на екипата на „Макфакс“ посведочивме дека ова, сега петчлено семејство, во кое двајцата возрасни, нејзиниот син и снаата, се невработени и имаат две малолетни деца, а Македонка прима пензија од 6.000 денари, живеат во еднособен стан, во кој тоните хартија од судските пресуди се повеќе отколку што во нивниот дом има мебел и играчки за децата.
Еднособниот стан кој, сега им го одзеде извршителот Крсте Трајковски, бил единствената егзистенција, односно живееле од киријата сè додека, како што тврди Зафирова, не е направена измама и без тие да бидат известени, им се одзема имотот.
Со горчина и голема разочараност мајката и синот Зафирови ни ја раскажаа својата приказна во која се инволвирани речиси сите правни институции во нивниот град. Тие велат дека во мал град како што е Велес барем лесно може да се дознае дека судии, началници, адвокати, нотари, службеници во катастарот и извршители, поврзани по роднинска или пријателска линија, ја злоупотребиле службената должност, издавале лажни документи, работеле координирано против законот и им нанеле огромна штета.
Сè што имале, ни раскажува Зафирова, крваво го стекнале со сопругот со работа во Германија.
Во 2014 година друг извршител незаконски им одзел средства од социјална помош. Горан вели дека кога во 2014 година работел во кавадаречката фабрика „Дрекселмаер“ и бил на боледување, одземани му се значителни средства исто како и од социјалната помош на сега веќе неговиот покоен татко.
Во текот на годините се обидувале да ја докажат правдата, па дури и во судот за човекови права во Стразбур. Ни раскажаа и ни покажаа документи кога во велешкиот катастар им се издавале два имотни листа, кога нивни имот бил ставен под банкарска хипотека со лажен идентитет и други правни измами. Добивале и закани дека сè ќе им земат.
Тие тврдат дека локалните моќници се поврзани меѓу себе, си прават услуги и се штитат законски.
Во конкретниот случај доверителот што го бара нивниот имот, градежната фирма „Трго-цемент“, која претходно се викала „Ива-инжинеринг и „Орце-инжинеринг“, а кон кого е направен наводниот долг од страна на Зафирови, е под сомнение дека имињата ги менува поради некоја кривична постапка, односно дека скрива случај на смртно повреден работник во нивната фирма.
Семејството Зафирови во очај раскажува дека сè што имале им е земено и не бегаат од тоа и ако имаат веродостоен долг, и ќе го вратат, но дека некој може да им одземе имот со вредност 50 пати поголема од долгот за кој се товарат е надвор од каква било правна и човечка логика.
И во овој случај се покажува дека е прекршен законот кога се одземани средства од социјална помош. Уште повеќе се одзема и имот на семесјтво каде што нема ниту еден вработен и со две малолетни деца.
Сите должници, како и семејството Зафирови, потенцираат дека главниот долг сакаат да го вратат, се разбира, на начин на кој економски се во можност, а притоа да не останат без парче леб.
За аномалиите на Законот за извршувањето и неуставното постапување на некои извршители се зборува многу во минатиот период, а на 1 мај имаше и протест пред Владата.
Минаа речиси две недели кога премиерот најави дека формирал работна група што ќе расправа за овој закон и ќе направи корекции. Во меѓувреме извршувањата се интензивираат, дури и со нехумани последици како во случајот со Зафирови.
Ана Василевска