Фирмата која го поседува атрактивното земјиште на Водно, со површина од 11.000 м2, а кое се поврзува со премиерот, Никола Груевски, според прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, пред еден месец преминала во рацете на познат бизнисмен, близок до владејачките структури на ВМРО-ДПМНЕ, тврди пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.
Како што објавија медиумите на почетокот на август, според податоците од централниот регистар, компанијата Орка Холдинг на бизнисменот Орце Камчев ја купила фирмата „Сирах Инженеринг“. На денешните пратенички прашања Шилегов го праша премиерот дали ги продал плацевите што наводно ги поседува затоа што очекува да ги изгуби следните избори во април 2016 година.
– СДСМ најави законски измени со кои сите оф-шор компании ќе бидат обврзани да ги објават своите сопственици и историјатите на сопствените фирми. Во спротивно имотот на тие фирми ќе биде предмет на конфискација. Дали побрзавте својата фирма регистрирана во Белизе, да ја продадете на познат бизнисмен во страв дека ќе ви биде одземено земјиштето, односно вашите плацеви на Водно – праша пратеникот цитирајќи ги од говорница транскриптите во кои наводно премиерот разговара со поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески.
Фирмата „Сирах инжинеринг“, рече тој, била формирана непосредно пред да биде склучен договорот за купопродажба на земјиштето на Водно и тоа со основачки капитал колку што и чинело земјиштето со сите пропратни трошоци. Шилегов го праша премиерот зошто не го објави името на сопственикот на фирмата, кога веќе се оградува од плацевите.
Шилегов од говорница покажа документи на кои стои дека директор со неограничени овластувања на фирмата е човек близок до премиерот, имено Ристе „Дијализа“ Новачевски, кој е кум од претходен брак на Груевски, и брат на секретарката на премиерот.
-Зошто не побарате да се објави вистинскиот сопственик на „Сирах инжинеринг“ пред последната транскација? Дали свесен дека ги губите изборите го продавате плацот на познат бизнисмен? –праша пратеникот.
Премиерот ги негираше овие тврдења.
-Беше предвидливо какво прашање ќе постави пратеникот Шилегов. Не кажа ништо ново од она што го слушнавме. Покажа јавни документи кои секој може да ги види. Немам никаква поврзаност со плацевите, ниту сум бил сопственик, ниту сега сум – одговори тој.
Ако не сте сопственик, рече Шилегов, зошто криете кој е.
-Ваш кум и добар пријател е именуван за директор на фирмата „Сирах инжинеринг“, кој му се газдите и кој го поставил. Зошто не свртитете телефон и не го прашате: Ристе кој те постави за директор? Кој те именуваше? Ако немате врска со плацевите во ваш интерес е да ја објавите тековната состојба и историјата на фирмата, да се види кој стои зад неа – рече Шилегов коментирајќи го одговорот на Груевски.
Денешната седница за пратенички прашања почна пеесет минути по закажаниот термин. Премиерот доцнеше еден саат. Ова е прв пат опозицијата да учествува на пратенички прашања по формирањето на новиот состав на парламентот.
Маја Васева