Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска преку новогодишно видео обраќање порача дека оваа година ја одбележува поканата за членство во НАТО и прекинот на изолацијата.
„Поканата за членство во Алијансата, завршувањето на пристапните разговори за членство, поддршката од клучните светски политички авторитети, покачувањето на буџетот и на платите за припадниците на АРМ, одбранбените реформи, приемот на 375 нови професионални војници, усвојувањето и имплементацијата на значајни стратегиски документи, опремувањето на припадниците на АРМ, отвореноста кон јавноста. Сето тоа ја одбележа 2018-тата година во одбранбениот сектор“, истакна министерката за одбрана во своето видео обраќање.
„Во историјата ќе остане запишано дека ова е годината во која ја прекинавме изолацијата на нашата татковина и ги отворивме вратите за да станеме рамноправна членка во најмоќниот воено-политички сојуз“, рече министерката.