Буџетот за одбраната за 2018 година ќе биде поголем за 15 отсто, изнесува вкупно 6,4 милијарди денари, зголемен е за 820 милиони денари, а еден од приоритетите е зголемување на платите на целиот армиски состав за десет отсто од 1 јануари.
– Свесни сме дека армијата мора да го добие местото кое и припаѓа, согласно нејзината уставна функција, но согласно и очекувањата кои ги имаме од неа секој пат кога се соочуваме со криза, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната презентација на средствата наменети за одбраната во предлог-буџетот.
Таа нагласи дека со политичка одлука ќе се одредува, која година, со кое темпо Македонија ќе се приближува до целта декларирана од страна на членките на НАТО за издвојување од два отсто од БДП.