(ВИДЕО) Селмани: Одлуката на Уставниот суд за исфрлањето на новинарите покажува дека нема поделба на власта

Од:

Одлуката на Уставниот суд со која се објаснува дека новинарите биле исфрлени од собраниската галерија на 24 декември, се покажува дека во Македонија владее принципот на донесување исти одлуки од различни институции, што преставува единство на власта, а тоа беше случај во минатиот систем – изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани на денешната дебата „Слободата на изразување избркана од Собранието, па оставена пред вратата на Уставниот суд“, во организација на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, „Центарот за развој на медиуми“ и Фронтот за слобода на изразување.

За Селмани, кој вели дека воопшто не е изненаден од одлуката на Уставниот суд, бркањето на новинарите на 24 декември претставува класичен пример на цензура, бидејќи медиумите биле спречени да информираат за носењето на буџетот, а на јавноста и било скратено правото да биде информирана.

– Да не беа снимките на опозициските пратеници кои снимаа со мобилните телефони, немаше да знаеме што се случува внатре. Единствената причина на власта за инцидентите кои се случија беше желбата да се сокрие исфрлањето на пратениците. Беше прекршена слободата на изразување на новинарите, а институциите не констратираа повреда на ова право. Никој од надлежните институции не објасни од кого новинарите беа загрозени. Власта не покажува дека носи грешни одлуки и таа ќе продолжи да се оденсува така. Сепак, таа ја губи битката во јавноста обидувајќи се да ја оправда одлуката за бркање на новинарите. Веќе никој не им верува дека оваа одлука е за доброто на новинарите – изјави Селмани.

Правниот застапник на ЗНМ, адвокатот Филип Медарски објаснува дека со одлуката на Уставниот суд не се дава одговор на прашањето дали отстранувањето на новинарите од галеријата значи нивно исклучување од Собранието.

За него, Уставниот суд нема утврдено фактичка состојба на настаните од „црниот понеделник“ вклучувајќи и низа документи кои се однесуваат на тој ден, а не е земен во предвид ниту извештајот на Комисијата за 24 декември. Тој вели дека правдата ќе се бара пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Магистерот по човекови права, Жарко Трајановски, пак, истакна дека одлуката на Уставниот суд е класичен пример на погрешно утврдување факти. Според него, новинарите биле жртви на полициско насилство, а истите тие жртви подоцна се портретираат како насилници.

– Судот не дава одговори дали имало полициско насилство, дали исфрлувањето на новинарите било согласно законот и кој издал таква наредба? Собранието негираше дека новинарите насилно биле избркани, туку замолени да ја напуштат галеријата, што се коси со одлуката на Уставниот суд. Судот наместо да биде браник на слободата на изразување, застана во одбрана на полициското насилство. Се вели дека сите присутни во галеријата биле замолени од обезбедувањето да ја напуштат галеријата и од прес-центарот да продолжат да известуваат. Во друг дел се вели дека имало насилно отстранување. Судот не утврдува кој ја издал наредбата и во еден дел утврдува дека лицата кои насилно ги исфрлиле новинарите биле полициски службеници – изјави Трајановски.

Билјана Бејкова од Центарот за развој на медиуми ја презентираше анализата и коментарите на Бојко Боев, експертот во областа на меѓународното право за слобода на изразување, кој работи во АРТИКЛ 19, а се однесува на одлуката на Уставниот суд за отстранувањето на новинарите од галеријата во Собранието на 24 декември.

Цитирајќи делови од анализата, Бејкова напомена дека Уставниот суд требало да ги посочи спротивставените факти поднесени од подносителите на барањето и од властите во однос на потребата за отстранување и детално да се истражи фактичката состојба, со одржување јавна расправа преку учество на двете страни.

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Попречувањето на новинарската работа е недозволиво

А1он

Коцевски: Јавно ја осудувам секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Американците 10 часа ги испрашувале руските новинари кои доаѓале да известуваат за изборите

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР