Да се случуваше ова што сега се случува кај нас, во некоја друга европска земја, ќе имаше жестоки реакции за начинот за кој што известуваат медиумите, истакна Сефер Тахири, професор на Универзитетот ЈИЕ, на денешната дебата на тема „Каков медиумски систем и’ е потребен на Македонија“, во организација на Центар за развој на медиуми и Фондација Отворено општество – Македонија.
Според него во Македонија има исклучително ниска медиумска култура и тоа се покажува и во односот на јавноста кон јавниот сервис.
– Мене дури ми се чини дека на граѓаните почнува да им изгледа нормално тоа што Сашо Мијалков им се јавува на директорите на телевизиите, на главните уредници и на некои граѓани тоа им изгледа природно: па, што, ние имаме власт и власта треба да се грижи за тоа како да известуваат медиумите, рече Тахири
Според него МРТ веќе не е продолжена рака на власта
– МРТ не е продолжена рака на власта – таа е раката на власта. Власта е директно таму, наместо вестите да ги прават новинарите уредниците, истите вести подобро би ги правеле од владата, од собранието, од политичките партии на власт, вели Тахири.
Тој рече дека МРТВ континуирано се финансира од државата преку различни ставки од буџетот, кои што се наменети за други јавни претпреијатија и се пренасочуваат во моменти кога има недостаток на средства во државната телевизија и ниту една политичка партија од тие што биле на власта вклучувајќи ги СДСМ, ДУИ и ПДП, а не само ВМРО ДПМНЕ немале политичка волја и не биле спремни да создадат вистински јавен сервис бидејќи им одговарало да имаат државно партиски или владин сервис.
– Во вакви услови на политичка криза кога ќе се бараат решенијата за излез од неа меѓу политичките партии треба да се разговара и за улогата на МРТ. Првото ниво е нивото на деполитизација на јавниот сервис и решавање на проблемот на прераспределба на средствата. Во моментот не гледам таква политичка волја кај власта да разговара за овие теми. Но, мислам дека ако притисокот на јавноста се зголеми, зашто сметам дека протестите се недоволен јавен притисок, рече Тахири.
А.Б.