И по седум години, молк, тага и солзи на лицата на родителите и роднините кои ги загубија своите најблиски, во свирепото убиство кај Смилковското езеро. На местото кај што се убиени, запалија свеќи и се помолија, за мир и спокој на четирите момчиња од Радишани, кои на кобниот Велики четврток ловеле риба крај езерото. Родителите на децата не можеа да го скријат револтот бидејќи за случајот се уште нема судска разрешница. Таткото на Александар, Горан Наќевски му порача на Премиерот Зоран Заев, да се појави во судот, да не ја крие вистината, туку да ја каже, како што им ветувал пред изборите.
„Целата јавност знае, дека ни ветуваше, велеше дека има докази во бомбите за нашите деца, споменуваше странски служби, се и сешто. Сега кога дојде на власт заборави, оглуве и онеме. Ветуваше дека ќе ги каже 5-те функционери на ДУИ, му поверувавме. Не излажа. Ние ќе бараме да се појави на суд и да каже што знае, ако не сака, ќе бараме и стражарно да биде приведен и да сведочи. Ако судот може да вика сведоци по допрен глас, зошто па тој да не дојде, кога самиот тврдеше дека ја има бомбата за Смилковско езеро“, изјави за А1, Наќевски.
Семејствата на трагично загинатите момчиња, велат дека ја изгубиле вербата во судството и дека единствена надеж гледаат во Специјалното јавно обвинителство кое го презеде случајот „ Монструм“. Уморни сме седум години барајќи одговори, кој и зошто на ова место ги уби нашите деца, рече Раде Славковски.
„Знаеме дека има бомба во која се споменуваат децата од Радишани. Но, што се зборува во неа, не знаеме. Дали е навистина така ќе треба да почекаме. Иако, трпението ни е при крај, нема да се откажеме. Светла точка ни е СЈО, но ако бомбите нема да важат како докази, како што слушаме по медиумите, тогаш не знам што да кажам. Единствено дека нема држава, нема власт, рече Раде Славковски, татко на Филип.
Порачаа до премиерот Заев да ја закаже владината седница на која треба да се распрва за случајот, но и средба со косовските власти за екстрадиција на двајцата обвинити Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство.
Инаку, петкратното убиство кај Смилковско езеро, честопати тогашните опозициски функционери, меѓу кои и лидерот, сега премиер Зоран Заев го третираше како политичко монтиран случај. Тврдеше дека има докази во бомбите, за случајот „Монструм“ , чие судење се врати од почеток, откако предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство.