Нови образовни и научни проекти за развој и унапредување на образованието и науката, меѓу кои, идентификување на талентираните ученици и работа со нив, награди за најуспешните, прошурување на образовните програми, отворање на прво Меѓународно основно училиште, поддршка за средните стручни училишта, најави денеска на прес-конференција во ВМРО-ДПМНЕ министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
– Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ планира да го отвори првото Меѓународно основно училиште во Република Македонија, коешто преку специјализирани наставни планови и програми на англиски јазик, како и соодветно обучен наставен кадар, ќе им овозможи на учениците брзо и ефективно изучување на овој светски јазик. За оваа намена ќе бидат инвестирани 100 милиони денари. Дополнително, во делот на основното образование предвидено е продолжување и проширување на меѓународната ИБ Програма која се изучува во 145 земји во светот во повеќе од 3.500 училишта и преку којашто се менува пристапот на наставниците, односно, нема класично предавање на табла, учениците се активни и повеќе акцент се става на практичната настава, рече Ристовски.
Појасни дека оваа меѓународна програма кај нас е воведена во одделенска настава од прво до петто одделение во две училишта, додека од следната учебна година ќе се воведе и предметна настава од шесто до деветто одделение.
Ќе ја разгледаме, рече Ристовски, можноста за проширување на ИБ Програмата и во други училишта низ Македонија, во општини кадешто има можности за воведување, а учењето по ИБ и понатаму ќе биде бесплатно, за разлика од многу други земји кадешто истото ги чини родителите многу пари.
– Како еден вид стимулација за најдобрите ученици од основните и средните училишта во областа математика и природните науки, кои учествувале на меѓународен натпревар и се меѓу првите 75 проценти од натпреварувачите, предвидени се награди, за што ќе се обезбеди буџет од 2,4 милиони денари. Исто така, посебен акцент ќе биде ставен и на идентификацијата на талентираните ученици, нивна стимулација и континуирана работа со истите, преку креирање на посебни образовни политики од страна на стручни лица од различни области, вклучително и психолошко-педагошките служби во самите училишта, посочи Ристовски.
Тој се осврна и на мерките предвидени за средното стручно образование кое, како што истакна, ќе во биде фокусот на политиките за модернизација и зголемување на атрактивноста.
– Ќе се реализира и проектот „Реални училишни компании“ кој предвидува отворање на компании во самите училишта, сродни на застапените струки, наменети првенствено за практична настава на учениците, но и за комерцијализација на производите и услугите. Училишните сервиси ќе го развиваат претприемничкиот дух на учениците, преку нивно директно учество во креирањето и организирањето на активностите, истакна тој.
Додаде дека за развој на натпреварувачкиот дух кај учениците, детекција на најталентираните во секоја област, како и зголемување на атрактивноста на средните стручни училишта, проектот „Лидер“ предвидува воведување натпревари на локално и државно ниво помеѓу ученици од сродни образовни профили во средните стручни училишта, со што би се избирале ученици – лидери во секоја струка, кои ќе бидат и соодветно наградувани.
Дел од проектите, рече Ристовски, се однесуваат и на делот на образованието за возрасни, апритоа, како што посочи, особено важно е основањето на Академијата за техничко образование, која треба да овозможи кратки специјализирани обуки согласно последните стандарди, за вработени во компаниите од техничкиот сектор со понизок степен на образование.
– Целта е да се излезе во пресрет на барањата на домашните и странски инвеститори за ваков вид на работници, согласно нивните производствени капацитети и потреби, истакна Ристовски.
Исто така, за жените над 30 години и мажите над 35 години коишто во минатото поради било какви причини не успеале да го формализираат високото образование, ќе им биде понудена можноста под одредени финансиски и други поволности да се запишат на некој од државните универзитети.
– Охрабрувачки е податокот што досега преку овој проект ( 35/45) којшто се однесуваше за жените над 35 и мажите над 45 години, на високо образовните установи се запишаа 1.200 лица. Во новата програма, предвидено е намалување на старосната граница, што значи, можноста се ќе нуди на нови потенцијални заинтересирани лица, рече тој.
Го спомена и проектот за поврзување на основците и средношколците со студентите, кој, како што појасни, предвидува отворање „Интерактивен портал за тутори”.
– Тој предвидува поттикнување на социјалната одговорност на студентите и овозможување на пристап до бесплатни дополнителни часови за учениците, што на крајот би резултирало со поголемо ниво на знаење. Студентите тутори за вложениот труд и ангажман, ќе добиваат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентските стипендии, истакна Ристовски.
Тој истакна дека новата програма на ВМРО – ДПМНЕ е обемна по содржина, со детално наведени начини, рокови и финансиски конструкции за реализација на секој предложен проект.
– Таа не е направена формално, затоа што сме морале да излеземе пред граѓаните со некој документ, со брошура во која би ветувале сé и сешто само за да ја освоиме нивната доверба. Оваа програма е реална, остварлива и мерлива. А проектите докажано се остваруваат, рече Ристовски.
Тој се заблагодари на сите кои предложиле некој проект, или пак, учествувале во надополнување на некој од постојните, затоа што, како што истакна, со нивна помош направиле програма со којашто ќе се продоли изградбата на економски стабилна Македонија. Ќе продолжиме, рече, да го подобруваме економско – социјалниот статус и стандард на граѓаните и ќе продолжиме да ја градиме Македонија како земја базирана на знаење, наука, информатички технологии и иновации.