Македонските граѓани се најголемата бомба што се уште не експлодирала, но која ќе експлодира во секој момент, рече претседателот на независните синдикати, Марјан Ристевски, на денешниот собир пред МРТ.
И независните синдикат, рече тој, им се приклучуваат на протестите за независна и објективна Македонска радио телевизија. Тој му се обрати на главниот и одговорен уредник на информативната програма во МРТ, Горан Петрески, на кој му порача дека граѓаните се пред оваа телевизија исто како во 1997 година.
– Господине Петрески ние бараме демократија и слобода. Ако имате забрана од Јавното обвинителство да не ги емитувате бомбите, зошто тогаш не ги следите и нашите прес конференција каде ја информираме јавноста за бедата во која живее македонскиот граѓанин, за тоа како Македонците живеат од ден за ден мислејќи како да преживеат, како за 1000 денари извршители собираат арач од 10.000 денари. Бараме одговор зошто не објавувате за нешите пресови, дали имате забрана од Јавното обвинителство или од друг орган? – праша Ристевски.
Тој посочи дека сите ја знаат вистината за Македонија и го потсети Петрески дека работеше во А1, телевизија која редовно ги проследувала пресовите на назависните синдикати.
– Петрески, вие знаете како да информирате, не дозволувајте некој да манипулира со вас. Се сеќавате ли кога бевте претставник на друга телевизија и кога известувавте за сите наши настани. Бараме ове луѓе да ја ослободат телевизијата – рече тој.
Маја Васева