(ВИДЕО) Ременски се обиде да избега од медиумите: Не знам дали сте вратари или новинари

Од:

По пет часа поминати во Обвинителството за гонење на организиран криминал каде вршеше увид во докази, пратеничката Фросина Ременски најде начин да ја напушти зградата без да ја видат новинарите, иако сите влезови, освен службениот затворија во 14:30 часот. Екипите видоа како полициските службеници ги заклучуваат вратите, а непознато е кој отвори за Ременски да излезе од зградата. Екипата на „А1он“ успеа да ја стигне пратеничката која тврдеше дека не бегала, туку била во банка, но не објасни како излегла од заклучените излези.

„Може да не трчате по мене? Мислам не е културно. Не ги избегнав камерите, бев во банка“, рече Ременски, а откако беше запрашана од кој влез излегла бидејќи сите се затворени, таа рече: „Јас не знам дали вие сте вратари или новинари во Јавното обвинителство. Ако сте вратари, тогаш клучевите се кај вас и ќе знаете од каде излегов и каде бев“.

Пратеничката Ременски рече дека не завршила со увид во доказниот материјал против неа, а воедно, не знае ниту колкав обем на материјали има обвинителката Вилма Русковска против неа.

„Не завршив со увидот во доказите. Јас не сум видела досега доказ“, рече Ременски.

Запрашана дали е злоупотребена од страна на Бојан Јовановски, пратеничката Ременски рече: „На тоа ќе одговорам кога ќе треба“.

Според неа, медиумите прават само фама од случајот со Меѓународниот сојуз и ги посоветува да се интересираат за други случаи.

„Јас мислам дека вие како новинари треба да се интересирате и за многу посериозни случаи отколку да правите медиумска фама околу нешто што е повеќе приватен интерес“, рече Ременски додавајќи: „Со оглед на тоа како известувате мислам дека има тенденција тоа да е приватен интерес“.

Таа смета дека новинарите не известуваат објективно и не ги сослушуваат сите страни, а откако ѝ беше укажано дека таа сега има можност да каже што сака, рече: „Не на ваков начин“.

Ременски одби да одговори дали го форматирала телефонот кој го заплени Обвинителството за организиран криминал.

Во однос на документите од УБК, кои биле пронајдени во домот на Ременски, таа вели дека станува збор за сериозен криминал односно шпионажа.

„Поднесено е се до надлежните институции. Тие се предмет на надзор и не можат да бидат класифицирани бидејќи кријат криминал. Воопшто не е незаконски стекнато. Се надевам дека и за тоа ќе се интересирате, како што за ова имате екстра интерес“, рече Ременски и замина.

Таа е осомничена дека помагала во извршувањето на кривичните дела измама и перење пари за кои се осомничени пет физички лица, и тоа, заменик-претседателката на Меѓународниот Сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска како и самиот Бојан Јовановски.

Ременски остана и без пасош, а има и забрана да го напушти Скопје како мерка на претпазливост. Обвинителството одзеде два телефони, но и компјутери и други предмети при претрес во нејзиниот дом.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Боки 13 пуштен на слобода: Затворската казна во прекин поради лошата здравствена состојба

Александар Тодески

Боки 13 уште е во болница, Апелација ја одложи јавната седница за „Меѓународен сојуз“

Катерина Ѓуровски