Адвокатот Насер Рауфи, бранител на дел од осудениците од Диво Насеље по денешното излагање на јавната седница на Апелацискиот суд по повод жалбата за првостепената пресуда, рече дека осудениците кои влегле во Македонија од Косово не се терористи туку борци за права. Тој истакна дека обвинението „тероризам“ е погрешно од причина што не се исполнети основните предуслови за ова дело односно дека нема ниту една жртва или повреден од цивилното население.
– Во никој случај осудениците не би ја признале таа квалификација како терористи туку како борци за права. Не може да стане збор за терористи или тероризам бидејќи не се исполнети основните предуслови, немаме ниту една жртва ниту пак повреден од цивилното население. Не може да стане збор за кривичното дело „тероризам“ по ниту една дефиниција. Општо познато е за да има дело „тероризам“ предуслов е таргетот да биде популацијата, односно да бидат нападнати цивили што во случајов не е така. Имаме класична конфронтација на две вооружени формации, нашата безбедносна и друга вооружена група. Ниту еден од цивилите во Диво Насеље не кажа дека почуствувал страв од вооружената група, туку напротив кажаа дека кога биле нападнати од нашите безбедносни структури тогаш го почуствувале тоа чувство на страв. Тоа значи дека не е исполнет предусловот на дефинициите на ОН и на Стејт Департментот – напад врз цивили, за да постои обвинение за „тероризам“, рече Рауфи по што додаде дека цивилите не само што не се исплашиле од вооружената група од Косово, туку биле и гостопримливи кон нив.
Адвокатите на осудените од Диво Насеље исто така се жалат и на повреда на правата на одраната во текот на постапката. Според нив, им биле скратени многу права меѓу кои одбивањето на големиот број сведоци политичари од поранешната власт кои ги побара одбраната, не било дозволено изнесување на материјални докази и вештачења. Наспорти ова, на обвинителството му било дозволено се па дури и она што е надвор од Законот за кривична постапка.
– Нас бранителите ни беше дозволено испитување на обвинетите само во доказната постапка, а не и во дополнителен акт, ниту пак во стадиум на воведни говори иако беа најавени сите овие предлзи. Ништо не ни беше прифатено од страна на судот, сите предлози ни беа одбиени за разлика од предлозите на јавното обвинителство кои беа прифатени. Ова значи дека не може да збориме за еднаквост на правните оружја и тоа е еден од круцијалните моменти поради кои треба да биде укината пресудата. Предлозите беа за испитување на енормно голем број сведоци кои дирекно имаат сознанија за овој немил настан, материјални докази, вештачења, наши други предлози апропо доказите кои беа презентирани од ЈО. На јавниот обвинител му беше дозволено и ЦД-то да биде изведено како доказ кое се испотави дека е селектирано од страна на министерсвтото за внатрешни работи. Повредите врз одбраната се очигледни, рече Рауфи.
И покрај тоа што вчера обвинетите за Диво Насеље вчера одлучија да не присуствуваат на јавната седница, нивните адвокати денеска се појавија пред кривичниот совет на Апелацискиот суд кој им дозволи да ги истакнат сите жалбени наводи. Бранителите очекуваат укинување на пресуда или евентуално корекција на, како што велат, драконските казни за учесниците во Диво Насеље.
Вчера, осудениците во своето групно излагање побараа меѓународна истрага, рекоа дека не го признаваат судот и дека адвокатите кои им се доделени не можат да зборуваат наместо нив.
Осудениците пред Судот кажаа дека целиот судски процес е изрежиран од страна на коалицијата Груевски – Ахмети и побараа како сведоци да бидат прифатени експремиерот Никола Груевски, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Стојанче Ангелов, Муса Џафери, Садула Дураку и останати високи поранешни и актуелни функционери на ДУИ.
По ова осудениците ја напуштија јавната седница која продолжи само во присуство на нивните адвокати.
Основниот суд Скопје 1 во 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Северна Македонија.
Виктор Јованов