(ВИДЕО) Рамадани за македонската платформа: Ова е прочитана книга, Груевски зборува преку Ѕинго и Амди Бајрам

Од:

Аналитичарот Исмет Рамадани смета дека зад повикот на СПМ за креирање на македонска платформа стои Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и за прв пат во неговото десетгодишно владеење им дава шанса на неговите коалициони партнери да прозборат.

– Ова е прочитана книга и толку е проѕирно што не е тешко да се дојде до фактот дека Никола Груевски сега зборува преку луѓето кои никогаш не зборуваа додека беа во негова коалиција. Во последно време зборува преку малите партии, гледаме пораки преку Амди Бајрам, Љубисав Иванов и одредени негови експоненти кои не значат ништо во однос на тоа што и како се одвиваат политичките работи во Република Македонија, вели Рамадани.

Според него ова е начин на комуницирање во ситуација кога Груевски е веќе свесен дека шансите за формирање на Влада со ДУИ се мали или воопшто не постојат и дека тој сака да создаде мислење во јавноста дека без него не се може, како што вели Рамадани одењето во опозиција за Груевски е премногу губитничко.

Рамадани смета дека нема ништо лошо во составувањето на македонска платформа, но тоа треба да се прави во случај кога некој се обидува да го загрози интегритетот на македонскиот народ што не е случај со албанците во Македонија и албанските партии.

– Јас не сум против тоа да Македонците имаат платформа за нивниот нацинален идентитет, јазик, вредности, меѓутоа таа платформа треба да се постави спроти оние кои се обидуваат да не ја признаат македонската нација идентитет. И јас сметам дека тука треба да има црвена линија, меѓутоа Албанците такво прашање и таков проблем немаат, затоа што Албанците не го доведуваат во прашање македонскиот идентитет, јазикот на македонскиот народ, македонската историја, тие сакаат соживот и со години се гради заедничка Влада, заеднички идентитет, заеднички институции. Во тој однос нема потреба да се постават работите дека Албанците треба да ги гледаме како непријателски настроени во Македонија и ние да им одговориме со една платформа која би била во одбрана на македонштината во државата. Во платформата на албанските партии има работи кои воопшто немаат етнички предзнак како на пример ставот за интеграција во НАТО, и функционирање на СЈО, рече Рамадани.

Според него, албанската платформа ја интерпретираат интелектуалци, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ кои понекогаш признаваат дека не ја читале воопшто албанската платформа туку нивните ставови се засноваат на тоа што слушнале и само додаваат нивни коментари. Мислам дека не личи на човек кој се бави со политички анализи да коментира нешто врз основ на други коментари, вели Рамадани.

– Овие се нарачани потези кои одат преку некои нови новоформирани организации, да бидат што поагресивни во нивните настапи да се создаде политичка нервоза и тоа подоцна да добива безбедносни конотации и сето тоа да биде пречка за да се состави евентуална влада помеѓу ДУИ и другите албански партии со СДСМ, влада која ќе биде за проблеми, реформистичка влада која ќе одговори на пораките кои доаѓаат од ЕУ и САД, рече Рамадани додвајќи дека граѓаните се свесни и добро ги разбираат спиновите, пораките и индивидуите кои посегнуваат по тоа што значи нестабилност.

Рамадани потсети дека Љубисав Иванов Ѕинго кој е лидер на партијата која повикува на креирање македонска платформа бил добар пријател на Слободан Милошевиќ, и дека тој остварувал средби со него во времето кога целата светска демократија ги осудувала потезите на Милошевиќ и дека ова е дежаву и повторување на блиското минато

Аналитичарот Рамадани смета дека е се по реално создавање на нова Влада помеѓу СДСМ, ДУИ и уште неколку албански партии и дека албанците добро знаат која партија е отворена за прашањата кои ги засегаат.

– Албанските партии се свесни дека единствено СДСМ е отворена кон прашањата кои ги засегаат албанците не само во однос на етничките права туку и во однос на тоа што значи правна држава, економски развој, нормална инфраструктура за живеење и сето тоа што значи просперитет за сите. Албанците веќе имаат нивна проценка, добро имаат прочитано со кого можат понатаму да бидат во коалиција и постојат реални шанси да се состави таа коалициона Влада и мислам дека граѓаните треба да очекуваат да се врати ентузијазмот и вербата дека дефинитивно ќе профункционираат институциите на државата, ќе се врати државата во дискурсот на ЕУ интеграциите и тоа значи перспектива за сите нас, рече Рамадани.

Рамадани смета дека оваа платформа и протестот кој е најавен за утре е реакција во однос на составувањето на коалицијата помеѓу СДСМ и ДУИ и поради тоа се зголемува нервозата во ВМРО-ДПМНЕ.

– Не знам колку ова ќе може да влијае кај целото нивно членство и нивните гласачи затоа што дефинитивно сум убеден дека и нивните поддржувачи ќе ја дознаат вистината и ќе видат дека таа борба за останување на власт нема искрени намери за развој на Република Македонија во тој демократски процес туку нивен најголем интерес е да се извлечат од криминалот и корупцијата нудејќи разни политички опции да се камуфлираат пред нивните гласачи дека тие се единствени за македонската нација, кауза, а се друго е предавничко и дека ти се единствени „чувари“ на Република Македонија, заврши Рамадани.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Апасиев: Македонска платформа, за да запрат уцените од балистите

А1он

ВМРО-ДПМНЕ ја готви „македонската платформа“ преку Социјалистичката партија?

А1он

Рамадани: Зошто СДСМ ќе мора да ги обелодени и „албанските бомби“?!

Емир Латифовиќ