Роднините на жртвите од пожарот во модуларната ковид болница во Тетово на протест бараат ново обвинение за случајот, бидејќи според нив, мора да има правда за загубените 14 животи и десетиците повредени, од кои најголемиот дел лица кои се лекуваа во болницата.
Ова е втор протест за неполн месец на кој роднините на жртвите и граѓаните бараат целосно ново обвинение. Првиот се одржа на 16 август, а на него побараа да се најдат на обвинителна клупа поранешниот министер за здравство Венко Филипче, државниот обвинител Љубомир Јовески и сопственикот на компанијата „БРАКО“, Кочо Анѓушев.
Од Јавното обвинителство пак, велат дека обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција води предистражна постапка во врска со тендерот за набавка на модуларните болници, кое и по две години од пожарот, се уште е без исход.
Во првиот предмет, условни казни за пожарот добија поранешниот директор на болницата во Тетово, Флорин Бесими и поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми, додека докторот Бобан Вучевски кој беше обвинет за „непостапување според здравствените прописи за време на пандемија“ е ослободен од обвинение. Правното лице ЈЗУ Клиничка болница пак, беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.