Фронтот за слобода на изразување денеска одржа протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Бидејќи 9 мај е Денот на победата над фашизмот, протестот под мотото „Смрт на фашизмот- слобода на изразувањето“, е против обидот да се воведе цензура со донесувањето на новиот Закон за медиуми.
Петрит Сарачини од Македонскиот институт за медиуми објасни дека овој ден медиумските работници го одбележуваат во време кога во Македонија се предлага Закон за медиуми кој што во неколку членови ја инсталира цензурата.
„Слободата на говорот е една од основните придобивки на демократијата… На еден ваков ден е срамота за Македонија како држава која била дел од антифашистичката коалиција, ниту една инсититуција да не го прослави денот соодветено, освен општина Струмица“, рече тој.
Здружените активисти извикуваа „Смрт за фашизмот – слобода за изразувањето“, „Доста беше молк“, „Слобода за новинарството“, а порачаа сите заедно да се бориме против фашизмот и да ги ослободиме медиумите.
Темјана Поповска