„Пратенички не кревајте раце“, порачаа група граѓани кои денеска протестираа против Предлог законот за прекинување на бременоста пред Собранието. Тие го изразија својот револт затоа што Предлог законот се коси со основните права и слободи и дека овој тип на закон не смее да се донесе по кратка постапка. Со овој Закон, се укинува досегашната одредба за слободен избор на жената за прекин на бременост до 10 недела.
Со овие механизми на забрана кои не се во согласност со постојните механизми на Светската здравствена организација, жената доколку сака да абортира треба да достави барање и писмена согласност за прекин на бременост, да оди на пред- абортус советување како и да го извести брачниот партнер. Понатаму по советувањето треба да поминат 3 дена за да може да се изведе интервенцијата, а на тоа следи доставување на потврда од гинекологот- специјалист.
Формирањето на комисија во здравствената установа од страна на министерот дополнително ќе ја бирократизра процедурата за жената која поднела барање, а индиректно министерот ќе биде во улога на одлучувач дали на жената да и се прифати барањето или не.
Од ХЕРА посочуваат дека Предлог законот ја централизира моќта на одлучувањето во Министерството за здравство. Со ова министерот лично ќе има ингеренции да го подготвува форматот за писмено барање за абортус, да воспоставува акти за советување и клинички протоколи, како и да формира првостепени комисии во здравствените институции.
-Со ова сметаме дека се нарушува и деградира капацитетите на здравствените установи задолжени да ја вршат оваа дејност, особено затоа што абортусот во законот се дефинира како медицинска интервенција и со тоа експертизата треба да лежи во професионалниот кадар и здравствените установи и медицинската фела – изјави Неда Коруновска.
Што ќе биде со жените кои се во вонбрачни заедници кои се девојки – праша професорката Билјана Ванковска која го поддржа протестот. На тоа дека во Законот пишува дека и мажот треба да биде присутен, Ванковска вели дека на жената практично и се намалува деловната способност и правото сама да одлучува.
-Оваа постапка е сега воведена за бременост до 10-тата недела, а не како што беше порано по 10-тата недела. Значи се скратува времето за абортирање-, вели Ванковска.
Граѓаните држејќи транспаренти во раце порачаа: „Мое тело, моја одлука“, „Не сум убиец и чедоморка“, „Јас сум човекот, моите права и слободи се во прашање“.
Темјана Поповска