Доколку не се реши проблемот на стечајците, тие ќе почнат со засилени протести, а доколку Груевски не им ги врати парите, кои според нив, тој ги украл од државата, тие велат дека ќе протестираат со глад за време на изборите.
– Од 4 илјади стечајци, над 2 илјади има што им е укината стрјата, живеат како во 19 век. Ако може било кој да стопира возови и да поставува шатори, и ние ќе почнеме исто. За 10 дена ќе се блокира патарината Скопје-Куманово, а потоа ќе се блокира граничниот премин Табановце или пак владата. Последно, на самите избори ќе протестираме со глад. Па или ќе не реши општеството, или ќе не покопаат, и онака сме изнемоштени, вели претседателката на синдикатот, Лиле Георгиевска.
Таа вели дека владата се фали со над илјада пакет мерки, а за стечајците нема ниту една и дека никој не се грижи за нив. Стечајците протестот го почнаа пред зградата на Сојузот на синдикатите, од каде побараа и оставка од претседателот на ССМ, Живко Митревски.
– Тука сме да покажеме дека постоиме, а тој уставен суд што го бранат, најголема грешка прават, затоа што тој суд не смееше да дозволи да се решат нашите проблеми парцијално, требаше или сите или никој да се обештети, а ние сме делени три пати. Така што, и таа замерка ја наоѓаме, вели Георгиевска.
Доколку уште еднаш Груевски каже дека се пратени од СДСМ, Георгиевска вели дека за неа тој повеќе нема да биде ни човек ни премиер. Според неа, тука има луѓе кои се симпатизери на сите партии и никој не носи партиско обележје, бидејќи, како што таа вели, никого од нив не го интересира партија, туку парите кои државата им ги должи.
Александар Тодески