Собраниска расправа за нов закон за стечајци, надомест за уште 1.000 лица

Од:

Нов закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата или „стечајци“ кој треба да овозможи право на надомест од државата да остварат уште околу 1.000 стечајни работници, разгледуваа денеска пратениците на пленарна седница.

Овие граѓани аплицирале за остварување на правото по основ на законите кои за таа намена беа претходно донесени, но, не го добиле, бидејќи иако ги исполнувале сите други услови, не го исполнувале условот при приватизацијата на претпријатието од кое тие произлегле тоа да не го променило матичниот број.

Со новиот закон, кој беше усвоен во прво читање, се овозможува материјално обезбедување на лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, во периодот од 1 јануари 1993 до 30 јуни 2019 година во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, доколку не го промениле единствениот матичен број на субјектот, а во случај на промена истите да произлегуваат од претпријатието со доминантна сопственост на државата. Материјално ќе се обезбедат лицата кои со претходните законски решенија имале возраст помалку од 52 години за жена, односно 55 години за маж, како и лица на кои им престанал работниот однос во периодот од 1 јануари 1993 година до 30 јуни 2019 година.

– Законските решенија предвидуваа, лицето да не е вработено, работниот однос да му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, во претпријатие со доминантна сопственост на државата, под услов истиот да бил заснован додека претпријатието било со доминантна сопственост и при приватизацијата да не дошло до промена на единствениот матичен број на субјектот (ЕМБС). Покрај тоа, се предвидуваше, по престанокот на работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, невработеното лице да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година. Анализата за имплементација на законите, покажа дека голем број на невработени лица ги исполнуваат сите услови, освен условот за непроменет матичен број на субјектот (ЕМБС) по приватизацијата, иако претпријатието со променет матичен број произлегло од претпријатието кое било во доминантна државна сопственост, рече заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

Кај одделен број невработени лица, датумот на престанокот е пред 1 јануари 1995 година и по 31 декември 2018 година и од тие причини не го оствариле правото на паричен надоместок по престанок на работниот однос.

Со цел да се обезбеди еднаквост на граѓаните при остварување на правата и истите материјално да се обезбедат, се наметна потребата од донесување на законот. Со предвидените променети услови, а согласно со анализата на поднесените барања до Агенцијата за вработување со новиот закон, право на материјално обезбедување би оствариле најмалку 1.000 невработени.

Пратениците се согласни дека ваков закон е потребен, со цел да се реши проблемот на преостанатите граѓани кои не го оствариле правото на надомест согласно со преходните законски решенија. Тие побараа да се продолжи рокот за аплицирање кој со предлогот изнесува 30 дена, со цел, како што рекоа, сите да можат да достават барања. Надоместокот кој ќе го добиваат изнесува 34 отсто од просечна плата во државата.

Дел од пратениците побараа во второ читање да се дополни предлогот и со него да се најде решение и за оние граѓани кои не можат да го остварат ова право бидејќи иако работеле во овие претпријатија, не им биле плаќани придонеси.

На комисиската расправа што се одржа минатата недела беше речено дека со претходните две законски решенија право на надомест оствариле околу 10.000 граѓани. Со претходниот закон пак, донесен во време на поранешната власт такво право оствариле 4.700 граѓани.

Би можело да ве интересира

За опозицијата покачувањето на платата е популизам, а за власта вистинско решение

Габриела Димковиќ-Мишевска

(ВИДЕО) Мицевски: На СДСМ поважен му е потпретседателот од законот за минимална плата

Габриела Димковиќ-Мишевска

ВИДЕО: Рамчиловиќ изгласан за потпретседател на Собранието

Габриела Димковиќ-Мишевска

Милошоски: Во ВМРО-ДПМНЕ сме искрени, не сме за една изборна единица, Заев манипулира

Габриела Димковиќ-Мишевска

Самит на ИЦПД во Најроби – Време е да се заврши незавршената работа

Ана Ололовска

Собраниската расправа за нов заменик-министер за здравство ќе продолжи по паузата

Ана Ололовска