Најмногу е вложено во Ѓорче Петров, споредено со последните 20 години. Ова го смета актуелниот градоначалник на општината и кандидат за нов мандат од СДСМ, Александар Наумоски. Тој во дебатата со противкандидатите на „А1он“ и „Макфакс“ кажа дека останала за реализација уште 20 проценти од програмата, за да Ѓорче нема повеќе кал.
„Ќе имаме ново училиште во населбата Александрија кое ќе е најмодерно, ќе ги прошириме училиштата, имаме нова градинка со прифатена апликација во Ново село. Уредување на кејот на Лепенец, локалитетот во Кучково. Сите овие се капитални проекти во Ѓорче. Капацитетите на Ѓорче треба да се искористат. По Клиничкиот центар, ќе се смени економско-социјалната карта. Ќе нема човек невработен. 500 милиони евра, медицински туризам, топлата вода да се искористат за бански туризам. Доградени градинки, сменети кујни, азбестни кујни. Не е само така да се каже дека во Ѓорче е катастрофа. Најмодерна градинка се прави. Лесно е да се каже дека ништо не функционира“, рече Наумоски.
Александар Стојкоски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ тврди по неговото доаѓање во општина Ѓорче Петров, доколку победи на изборите, ќе ги реши проблемите на жителите. Посочи дека во првите месеци цело Кучково ќе добие вода, веднаш ќе започне со работа за да се отстрани депонијата во Ново село, за Никиштани и Орман најави канализација. Според него треба одржлив развој во општината. Тој рече дека има повеќе проекти за животната средина, но и за инфраструктурни зафати. Му замери на актуелниот градоначалник Наумоски, околу неговите ветувања.
„Вака со ‘ќе направиме, ќе направиме’, граѓаните веќе немаат простор за тоа ‘ќе’, да чекаат постојано. Треба на граѓаните да им е јасно дека нема проект за Клиничкиот центар, ниту има идеен проект за него. Никој не знае како ќе изгледа. Ниту еден проект не е нов, сите се наследени проекти и на некој начин поробуваат да ги доработат. Во никој случај јас не би се спротивставил ако се донесе одлука Клинички да се гради во Ѓорче Петров, ниту на тоа што значи развој на општината. Според моите информации, се работи на изнаоѓање на нова локација за Клинички. Околу делот на инвестициите сакам да напоменам, дека без развој на постоечките и дефинирање на нови инфраструктурни зони. Со изградена инфраструктура. На голи полиња многу тешко е да се најдат инвеститори“, рече Стојкоски.
Прва зелена општина да биде Ѓорче Петров е планот на Љупчо Јаневски. Според него, општината треба да се заштити од лошо урбано планирање и да се направи примамливо место за луѓето да се доселуваат и додава: „Не ние да одиме на кафе од Влае натаму, туку ние да ни дојдат во Ѓорче“.
„Треба да се вложува во администрацијата, треба да се едуцира, треба да што повеќе да генерираме млади луѓе кои ќе се ангажирани. Една од моите мисии е инвеститорите кои ќе одлучат да инвестираат, 80 отсто од вработените да бидат од Ѓорче. Општината треба да учи бидејќи таа треба да се надградува со тимови кои ќе работат на меѓу гранични проекти, проекти од Светска банка, ЕУ, проекти кои ќе донесат дополнителни средства во општината. Ние одлично ќе се бориме за Ѓорче. Викаме дека сите сме тука за Ѓорче. Доста се 30 години. Ако сакаме велосипед од Влае натаму, ако сакаме маратон до Влае па се враќаат назад, ако сакаме кафе, од Влае натаму. Ајде да работиме за Ѓорче. За се има решение. Мое твое, лево-десно, наше-ваше, доста е. За еден мандат може да се заврши проблемот со депонијата во Ново село“, рече Јаневски.
Сашо Панговски смета дека иста невладина организација ги тренира ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за да победат на избори и затоа во Ѓорче Петров ништо не се решава. Тој посочи дека во неговата програма има проекти, каде за дел од нив, не треба да се потроши ниту денар за да се реализираат.
„Не се проблем парите. Проблем е коалицијата на Мицкоски и Заев, што ја јадат кобасицата на маса, најверојатно печена на тие контејнерите, пред црквата во Ѓорче. Како што гледате ова се среќни луѓе. Тие се среќни затоа што едни со други си помагаат. Он бил 5 години во совет, другиот бил 4 години градоначалник, едниот должи 5 милиони, другиот должи 3 милиони. Заедничката нишка е што овие двајца луѓе од ДПНЕ и СДС, одговараат на Мицкоски и Заев. Кога едниот или другиот ќе дојде на власт, целиот буџет на општината оди во раздолжување на мандатот“, рече Панговски од ТМРО.
Според Александар Димитријевиќ од Левица, Ѓорче е најдобрата општина која може некој градоначалник да ја добие за работа. За него, штета е идниот градоначалник да ја пропушти можноста да ја направи општината најдобра во Скопје.
„Ние не сме против градење, туку да има планско. Да видиме кој дел од Ѓорче како може да се развива. Многу поважно е точка еден од програмата да се замени со точка два. А точка еден да биде освестување на граѓаните во Ѓорче, кои ќе имаат верба во општината, кои ќе имаат надеж дека во Ѓорче може да владее правото. Како ќе носиме инвеститори кога администрацијата е на најниското ниво од сите општини. Сакам да дадам свесност односно визија за Ѓорче како тоа може да се рашири, како да се искористат тие индустриски зони кои многу слабо функционираат. Ѓорче има природа која ја немаат другите општини. 30 години се префрла топката, вие сте криви, па вие сте криви. Локалната самоуправа е држава во маало. Префрлањето на топката за комуналните проблеми мора да минато. За комунални проблеми да нема решение во 21 век, треба да ја дадеме општината на друг да ни ја води“, рече Димитријевиќ од „Левица“.