Претседателот Стево Пендаровски до граѓаните на Република Северна Македонија денеска упати порака во врска со заштитата и справувањето со последиците од ширењето на КОВИД-19. Во обраќањето претседателот Пендаровски порачува дека самоизолацијата е најдобрата превентива против вирусот и повикува да им се помогне на немоќните и повозрасните.
-Знам дека секој ден сте преоптоварени со информации и прес – конференции за ширењето на епидемијата и потполно го разбирам вашиот страв за вашето здравје и здравјето на вашите најблиски. Ја разбирам и вашата загриженост од лошите вести и од проширувањето на рестриктивните мерки. И јас самиот ги имам слушнато не знам веќе колку пати апелите од надлежните да останеме дома и да избегнуваме физички контакти со околината. Меѓутоа, за сето тоа има голема причина, истакнува Пендаровски во обраќањето.
Во изминативе 20 години имаме поминато низ многу тешки работи, потенцира шефот на државата, „но, да бидам искрен, ваков смртоносен противник, досега, не сме имале“.
-Пред неколку дена за првпат воведовме вонредна состојба, а завчера, исто така, за првпат, полициски час на целата територија, каде што полицијата и армијата го контролираат влезот и излезот од сите населени места, рече Пендаровски.
Како што истакнува, докторите и сестрите, војниците, полицајците и волонтерите се секојдневно на работа.
-Во одржувањето на стабилноста на системот огромен придонес даваат и вработените во трговијата, транспортот, услужните дејности, кои и покрај критичната состојба остануваат на своите работни места, потенцира шефот на државата.
Пендаровски истакнува дека додека целиот свет е во потрага по вакцина и лек, самоизолацијата е најдобрата превентива против вирусот.
-Знам дека ви е тешко, но, мораме да ги сочуваме нашите животи, и да им помогнеме на немоќните и повозрасните.Немаме друга опција во овој период освен да издржиме! Ве молам, не паѓајте со духот, сите заедно, ќе издржиме, порачува претседателот на државата.