Тврдиме дека одредбата за фистанцирање од 500 метри не е за заштита на младите. Пратениците нека си го постават прашањето, каква заштита обезбедува државата кога преку четири фирми игри на среќа ќе има преку интернет, вели Горан Стоименов од АПИС.
Тој потсети на случајот ,,Детонатор”, посочувајќи дека ќе има приредување игри на среќа на црно.
,,Срамно е да велат дека се залагаат за ЕУ кога со европско знаменце се затвара најголемиот работодавец во приватниот сектор. Нема да молчиме, ќе има протести, ќе имаме тужба пред Уставниот суд”, рече Стоименов, кој апелираше до претседателот Пендаровски да не го потпише указот за овој Закон.
Според Васко Илијевски од АСОМ, ова што се случува е клучно за опстојување на индустријата со илјадници вработени.
,,Пратениците ќе бидат само алатка за нечии интереси. Законот ќе донесе загуби за државата, но добивки за некои други за чиј интерес се носи овој Закон. Апелираме до претседателот Пендаровски, внимателно да следи. Претседателе, веќе најавивте дека нема да го потпишете овој Закон, а сите европски претставници и Извештајот на ЕК нотираше злоупотреба на ЕУ знамето. Нашиот сектор брои повеќе од 10.000 вработени”, кажа Илијевски.
Тој посочи дека се обезбедува процветување на сивата економија со нелегалните кладилници врз чии финансии, но и врз безбедноста на играчите, државата нема да има контрола.