Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, денеска одржа прес конференција на која ја соопшти одлуката на владата за Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018-та година.
Според оваа одлука за печатените медиуми во тековната година од Буџетот на Република Македонија се издвоени 50 милиони денари за покривање на трошоците за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2017, и тоа во висина до 50% за печатените медиуми на македонски јазик, и во висина од најмалку 50%, но не повеќе од 70% за печатените изданија на јазиците на другите етнички заедници.
Овие средства, нагласи министерот Поповски, ќе бидат распределени на печатените медиуми исклучиво доколку тие ги исполнат сите предвидени критериуми содржани во програмата, кои беа целосно подготвени од страна на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, чиј претседател Лирим Дулови, и членови на асоцијацијата, беа денеска присутни на прес конференцијата во Владата на Република Македонија.
Министерот Поповски нагласи дека оваа програма на Владата на Република Македонија е целосно спроведена според принципите за учество и инклузивност на засегнатите страни, овој пат претставниците на печатените медиуми.
„Критериумите за добивање на помошта се во целост усогласени со меѓународните стандарди, што е уште еден принципи според кој се раководеше Владата, прифаќајќи ги најдобрите практики на Европската Унија за поддршка на печатените медиуми кои во секое демократско општество се столбот, фундаментот на објективното, независното и професионално новинарство“, потенцираше министерот Поповски.
Програмата за поддршка за печатените медиуми е во согласност со препораките нотирани во извештаите на Рајнхард Прибе, и на високата група на експерти за реформи во медиумите, потсети Поповски и додаде дека програмата ја добила максималната поддршка од ОБСЕ, и од сите останати меѓународни организации, како база на професионалното новинарство ќе помогне во справувањето со лажните вести и зголемувањето на медиумската писменост.
На прес конференцијата во Владата на Република Македонија, Претседателот на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, Лирим Дулови, како и другите членови на оваа асоцијација ја поздравија реализацијата на оваа владина програма како мерка која ќе го помогне професионалното и одговорно новинарство и која ја враќа надежта меѓу новинарите од печатените медиуми за поддршка на нивните напори да бидат учесници во справувањето со лажните вести и за зголемувањето на медиумската писменост.
Министерот Поповски, на новинарските прашања за оваа мерка, потенцираше дека Владата на РМ останува и понатаму отворена за соработка и за секоја добра иницијатива која ќе значи усовршување на мерката во интерес на новинарите и на јавноста која очекува објективно и одговорно новинарство.