ВИДЕО: Полицајците во Арачиново не казнуваат оти немале казни

Од:

Полицајците кои работат во одделението во Арачиново не казнуваат бидејќи немале казни. Тие се жалат дека по наредба на високи функционери од МВР, било забрането да ги добиваат казните. Полицаецот Дејан Саздов, вработен во ПО Арачиново и претседател на Независниот синдикат на полицијата, вели дека оваа практика со незадолжување на списи е со години, односно по повторното отворање на одделението во Арачиново.

„Ми беше укажано дека нема да може да бидам задолжен со потребни списи, иако одговорност на полицискиот службеник е да ги има истите затоа што без нив не може да ги употребува задолжувањата и да презема мерки согласно со Законот за безбедност на патниот сообраќај“, вели полицаецот Саздов.

Кога Саздов побарал списи од административниот работник, тој му кажал дека нема да добие. Образложението било дека административниот работник не можел да ги подигне овие документи од МВР, бидејќи полицајците не можеле да ги задолжат.

„На пример, во случај кога вие би возеле 200 километри на час и без возачка дозвола а јас би работел во тој дел, не би можел да постапам согласно со законот затоа што ќе бидам спречен да ви изречам мерка согласно со сторениот прекршок. Во таа ситуација јас ќе треба да повикувам други полициски службеници, од други надлежни полициски станици да дојдат на местото на настанот па тие да ја преземат мерката. За колку време ќе дојдат, тоа ќе зависи од нив“, објаснува Саздов за тоа на кој начин може да се казнат можните неправилности.

Со оваа одлука на функционерите на МВР, полицаецот тврди дека незаконски им се одземаат дел од овластувањета на полициските службеници, а со тоа има привилигирани и непривилигирани делови од Скопје. Граѓаните од тој дел на Скопје барале полицијата да преземе мерки за безбедноста во сообраќајот, вели Саздов, кој додава дека ќе бара образложение од министерот Оливер Спасовски и директорот на БЈБ, Лазо Велковски, за тоа од кои причини полициските службеници се попречени да преземаат службени дејствија.

Саздов е во казнена експедиција во Арачиново, тврди тој. Полицаецот бил вработен во сообраќајна полиција по што поради недоразбирања и постапка на Внатрешната контрола бил преместен да обезбедува амбасади. Откако ги тужел и ја добил тужбата, бил вратен во старото одделение, но распределен во ПО Арачиново.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он

Екс-директорот го украл ехо апаратот од болницата во Кичево

Партизацијата на МВР на дело, полицајци на партиски состаноци на ДПМНЕ обвинува СДСМ

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Тошковски удри по професионалците во МВР