По речиси една година од донесувањето на Законот за прекинување на бременоста се покажа дека рестриктивниот закон претставува дел од нечија политичка платформа, а не производ на заложби за унапредување на здравствените права и можности на луѓето, вели Кристина Лоловац, од „Матка“ – платофрма од девет организации кои се залагаат за слободен пристап до легален абортус.
Резултатите на невладината „Реактор“, кои се објавени во новиот број на „Избор“, весник кој го создава платформата „Матка“, покажуваат дека бројот на абортуси од 2008 – 2012 – та година се намалува и Законот за прекинување на бременоста не се базира на оправдани аргументи, ниту пак тие се насочени кон активности кои водат кон одговорно родителство. Во анализата се посочува и дека измените на законот не се базирани на состојбите во државата, ниту значат усогласување со современите метоти на лекување и здравствена заштита.
Според „Реактор“ во 2008 година, бројот на регистрирани абортуси изнесува 5.900, во 2009 – та година брoјката се намалува на 5.601, во 2011-та година е 5.324, додека во 2012-та година – 5.387.
– Бројките во Македонија се значително помали од просекот во светот и во Европа. Во светот се инвестира во контрацепција како начин за планирање на семејството. Преку весникот „Избор“ постојано ги информираме граѓаните какви последици може да има подзаборавениот закон, кој се донесе на нетранспарентен и неверојатно брз начин, без собраниска дебата – изјави Лоловац.
Марија Матовска од невладината организација ХЕРА вели дека Законот за абортус не ги засега само жените, туку сите граѓани, бидејќи тој задира до човековите права.
– Рестриктивните закони не вродуваат со плод. Сите имаме право на избор да избереме абортус, доколу се одлучиме за тоа. Нашата цел е да ја натераме јавноста да размислува дека појавата абортус е тука и нема да исчезне, независно дали ние ќе ја ограничиме или не, туку треба да дадеме заеднички напори абортусот да се прави на легални начини и во соодветни услови – изјави Матовска.
Петар Клинчарски