Лидерот на НСДП, Тито Петковски соопшти дека неговата партија нема да биде дел од новиот Парламент. Со едногласна одлука решиле дека останувањето надвор од законодавниот дом покажува дека не им се во интерес удобните собраниски фотелји.
Петковски посочи дека сега одговрноста за неизвесниот пат на Македонија е во рацете на Никола Груевски и Али Ахмети. Не верува дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи на формирање техничка влада која би спровела избори.
Петковски потенцираше дека со останувањето надвор од Парламентот, се изедначуваат со граѓаните и ќе се борат против оваа власт со сите расположливи механизми. Рече деке нема да дозволат Никола Груевски неказнето да излезе од криминалната афера што опозицијата ја објави пред изборите.
„Со оглед на фактот дека на оваа диктаторска власт не и е потребна опозиција во Парлементот што ќе и пречи во спроведување на политичкото насилие, а во недостиг на механизми на заштита од надласување, НСДП (и здружената опозиција) им го отстапува Парламентот на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ да ја водат Македонија онаму каде намислиле да ја однесат. Груевски сега има историска шанса од Македонија да направи „Швајцарија на Балканите“ како што говореше неговиот идеолошки татко Ванчо Михајлов.Ние не сакаме да бидеме дел од тоа сценарио и нема да му служиме како алиби на Груевски и на Ахмети во донесувањето закони со кои ќе го променат Уставот, со кои ќе продолжи макединскиот пат во неизвесност, ќе се зациментира застојот во евроатланските аспирации на Македонија, и ќе продолжи егзодусот на Македонците“, рече Тито Петковски.
Петковски го повика Јавниот обвинител да не ја замајува јавноста и веднаш да покрене истрага за скандалот кој го обелодени опозицијата за 1,5 милиони кеш кој според нив ги зел Груевски како провизија за продажбата на Македонска банка и веднаш да започне процедура пред органите на прогонот како тоа што се правело кога станувало збор за политичките противници кои веќе одлежуваат затворски казни.
Бојан Стојановски