Во овие денови на искушенија кога сме свртени кон своите најблиски, нашата држава направи клучен чекор кон остварување на стратешката цел за влез во Европската Унија, вели во видео изјава претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во врска со добивањето на одлука за почеток на преговори со Европската Унија и полноправното членство во НАТО.
Лидерите на земјите-членки, како што нагласува претседателот, потврдија дека треба да ги почнеме преговорите со Унијата. Европската Комисија ќе пристапи кон дефинирање на преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција ќе се случи во најскоро можно време.
-Овој момент го чекавме повеќе од 15 години. Одлуката е јасна и без дополнителни услови. Таа е потврда за спроведување на неопходните реформи, но и за значајните компромиси што ги направивме во духот на европските вредности, вели претседателот Пендаровски.
Во претстојниот период, како што посочува шефот на државата, не очекува макотрпна работа.
-Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство. Оттука, по надминувањето на кризата со епидемијата очекувам надлежните политички фактори да ги насочат сите капацитети кон што поскоро остварување на крајната цел, вели Пендаровски.
Тој им упатува честитки на сите, како што вели, кои изминатите години работеа на нашата европска иднина. На повеќе генерации политичари, на стручните лица во администрацијата, на граѓанскиот сектор за јавните дебати за важни прашања и за постојаниот мониторинг на работата на институциите, но, пред се, на граѓаните за постојаната висока поддршка за нашето членство во Европската Унија.
-Денес упатив и писма на благодарност до лидерите на земјите-членки на ЕУ за искрената поддршка во континуитет. Пред три дена со најавениот пакет на економска помош и конкретно се уверивме во европската солидарност уште пред да станеме полноправна членка на организацијата и тоа во период кој е тежок и без преседан за сите на континентот, без исклучок, вели Пендаровски.
Дозволете ми, вели претседателот Пендаровски, да го одбележам и чинот на нашето формално зачленување во НАТО Алијансата, кој ќе се случи денес во 11:30 часот, според американско време, во главниот град на САД.
-Иако поради тешкиот период низ кој поминуваме не можеме да се израдуваме и да ги одбележиме овие настани како што доликува, сепак, станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина. Нека ни е честито на сите! Заслуживме!, истакнува во изјавата претседателот Пендаровски.