Претседателот Стево Пендаровски го упати шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков да прошета до Ваташа, каде е извршен масакрот на 12 млади лица во 1943 година. Ова доаѓа по изјавата на Милков кој кажа дека во Македонија се враќа традицијата на палење, стрелање и насилство врз луѓе. Пендаровски посочи дека изјавата е грозна.
„Во однос на изјавата на господинот технички министер за надворешни работи… Тоа е прилично грозна изјава.. Вели: ‘Во Македонија се враќа традицијата на колежи, стрелање и насилство’. Единствено таа изјава може да биде точна ако мисли на периодот ‘41-’44 (окупацијата на Бугарија врз Македонија*). Кога техничкиот министер за надворешни работи ќе има време може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“, кажа Пендаровски.
Прашан дали Бугарија може да го врати ветото, Пендаровски посочи дека не знае, но смета дека нема причина за тоа.
„Не можам да знам што ќе направи Бугарија. Секоја држава автономно ги носи своите одлуки. Не гледам ниту една основа за ново вето. Се надевам дека нема да одат во таа насока. Ова што го зборувам, знаете дека станува збор за инструирани провокатори кои тоа го прават“, кажа Пендаровски.