„Граѓаните на Виница се нашиот приоритет и нивните желби, потреби и размислувања се најважни бидејќи заслужуваат да живеат во модерна и убава општина во која ќе бидат задоволени сите нивни потреби.
Имаме јасна и прецизна визија, знаеме и можеме да го подобриме животот во Виница и многупати го докажавме тоа. Нудиме перспектива за подобар живот, нудиме решенија за секој жител на Општина Виница без исклучок.
Јас и мојот тим силно ќе се залагаме за да обезбедиме подобар живот за нашите сограѓани преку изградба на квалитетна инфраструктура, подобро образование, заштита на животната средина, преку развој на спортскиот дух и урбанизација на општината. Тоа што го ветуваме, ќе го исполниме како и минативе години затоа што ние сме партија и луѓе кои си стојат на дадениот збор.
Во секоја Општина во Република Македонија се издвојуваат проекти кои се од врвен приоритет за граѓаните, а нашите приоритети во нашата Програма од 2017 -2021 се:
• Планираме изградба на нов Градски пазар со сите стандарди, кој ќе даде современ изглед на централното градско подрачје и ќе ги подобри условите за трговците и купувачите.
• Ветуваме изработка на урбанистички планови за мали стопански зони во населба Градец, м.в. Дива топола и во с. Блатец, м.в. Скараница и изградба на нови индустриски зони за мали капацитети од лесна незагадувачка индустрија со што ќе се креираат нови работни места со потикнување на развој на мали и средни претпријатија, подобрување на животниот стандард, подобрување на локалниот економски развој, намалување на процесот на иселување.
• Комплетно ќе го уредиме коритото на Виничка река што минува низ градот, со цел заштита од поплави и нов лик на коритото, инфраструктурно уредено централно градско подрачје и заштита на животната средина.
• Продолжуваме со реконструкција на водоводната мрежа во Виница, со замена на старите азбестните цевки со нови ПВЦ цевки, со цел снабдување на населението со квалитетна вода за пиење и создавање на услови за зачувување на здравјето на граѓаните, одржување поздрава и почиста животна средина.
• Изградба на филтер станица во с. Трсино, со цел подобрување на водоснабдувањето и обезбедување на чиста и исправна вода за пиење во континуитет за зачувување на здравјето на граѓаните.
• Изградба на втората фаза од атмосферска канализација во градот Виница со што ќе се намали степенот на можност од поплави, позитивно ќе се влијае врз животната средина и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
• Поставување на фотоволтаичен систем на ПУ „Никола Парапунов“ во село Трсино со цел да се заштеди електрична енергија преку обновливи извори на енергија со што ќе се заштити животната средина.
• Ќе продолжиме со поплочување на улиците и тротоарите со бехатон плочки во градот Виница и во сите населени места, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот и квалитетот на живот на населението како и подобрување на инфраструктурното уредување на руралните средини.
• Планираме изградба на сообраќаен кружен тек на булеварот кај градскиот парк и новата индустриска зона со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот.
• Реконструкција на детската градинка ОЈУДГ „Гоце Делчев“ со замена на салонитните керамиди и поставување на енергетски ефикасен кров како и дворно уредување на градинката со цел подобрена грижа и заштита на здравјето на децата и целосно енергетски ефикасен објект.
Програмата што ја нудиме е реална, остварлива и базирана исклучи во на практичните потреби и барањата на жителите на Општина Виница.
Нудиме напредок, нудиме сигурност и можност Општина Виница заеднички да ја направиме модерна и современа општина која ќе го заземе приматот на една од најурбанизираните, најчистите и најубавите општини во источна Македонија“, изјави Мартин Павлов, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Општина Виница.