Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, на својот фејсбук-профил објави видео од канцеларија во Министерството со кое раководи, за која тврди дека ја користеле неодамна отпуштените службеници поврзани со Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Објавата доаѓа откако опозициската ДУИ обвини за дискриминација во Министерството за односи меѓу заедниците, наведувајќи дека вчера биле отпуштени седуммина вработени од албанска националност.
Стоилковиќ во описот на видеото наведува дека така изгледала канцеларијата што ја оставиле отпуштените службеници. На снимката се гледа канцелариски мебел, но и душеци кои личат на импровизирани кревети, како и апарати за приготвување чај и тост-сендвичи.
„Ова е канцеларија во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што гледате, во која ‘работеа’ вчера отпуштените службеници, кои, по некоја случајност, се од ДУИ. По документирање на состојбата, истите се испратени да си спијат дома. Толку“, напиша Стоилковиќ на Фејсбук.
Од ДУИ, пак, реагираа дека одлуката за отпуштање претставува директен удар врз принципите на рамноправност, коегзистенција и правична застапеност. Според партијата, ваквата одлука не може да се оправда со, како што велат, невистинити и навредливи тврдења за наводни дисциплински мерки.
„Во услови кога на вработените им се одземаат најосновните елементи за работа, како функционални канцеларии, столчиња, техничка опрема и конкретни задачи, секоја таква мерка е административна фарса и доказ за однапред смислена дискриминаторска намера“, се наведува во соопштението од ДУИ.
Според партијата, Министерството чија мисија е заштита на меѓуетничката еднаквост, со ваквите постапки се претвора во пример за нејзино прекршување.
