Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска, во својот кабинет оствари средба со амбасадорката на Германија во Република Македонија, Кристине Алтхаузер.
Во рамките на средбата беше потпишан и договор за набавка на возило за дистрибуција на храна во пет градинки и една народна кујна во општина Струмица. Договорот го потпишаа градоначалникот Заев, германската амбасадорка Алтхаузер и директорката на градинката „Детска радост“, Тинка Маркова. Овој проект тежи 14.240 евра, од кои 8.000 евра се донација од германската амбасада, а останатите средства ги обезбедуваат општината и градинката.
-Еве би сакал со задоволство да објавам почеток на еден проект кој што е поддржан и финансиран од нашиот партнер, германската амбасада, со заедничка партиципација на општина Струмица и детската градинка „Детска радост“. Се работи за проект кој што обезбедува еколошко возило за дистрибуција на храна помеѓу петте детски градинки и Народната кујна, кој е вреден 14.240 евра, општина Струмица партиципира со 3.000 евра, детската градинка со 3.240 евра. Се работи за една потреба од секојдневното функционирање на детската градинка која е и одговорна за имплементација на Народната кујна како државен проект. Возилото има огромно значење за навременото дистрибуирање на храната за сите дечиња и секако и за корисниците од Народната кујна. Во тоа име, сакам да се заблагодарам на германската влада, за оваа донација преку германската амбасада, за поддршката на овој проект, со што уште еднаш се потврдува пријателската поддршка која што Германија и ја дава на нашата земја, рече градоначалникот Заев.
Амбасадорката на Германија во Република Македонија, Кристине Алтхаузер, рече дека Германија е голем пријател на нашата земја и со задоволство учествува во реализацијата на овој проект.
-Пред точно осум недели пристигнав во вашата убава земја и многу сум среќна што една од првите посети кои шти ги правам, е токму во Струмица. Со господинот Заев претходно се сретнавме во Скопје и еве денеска доаѓам во прва официјална посета на Струмица. Денеска потпишавме договор за донација од програмата на нашите мали проекти на германската амбасада, на наша голема радост, трилатерално, во него учествуваат и градинката и општината и германската амбасада. Многу сум радосна што го реализираме овој проект бидејќи е од големо значење за децата во Струмица. Германија е голем пријател на вашата земја и со задоволство го помогна овој проект, навистина ни е важна вашата земја и се трудиме на секаков начин да и помогнеме, рече Алтхаузер.
Директорката на градинката, Тинка Маркова, изјави дека со набавката на возилото се решава голем проблем.
-Детската градинка во Струмица подолг период се соочува со проблем при транспортот на храната, од кујната каде што се подготвува до крајните корисници, децата и корисниците на Народна кујна. Возилото со кое се транспортира храната е несоодветно, старо и дотраено. Упатувам голема благодарност до германската амбасада, до градоначалникот на општина Струмица, кои што со реализацијата на овој проект ќе ни го решат проблемот во наредните 15 години и тоа со возилото кое ќе одговара на стандардите според кои треба да се пренесува храната, рече Маркова.
Новото возило со кое ќе се дистрибуира храната до петте градинки и до Народната кујна ќе биде според НАССР стандардите и ќе обезбеди здравствена безбедност на храната.