Ужасен звук на кршење и демолирање и глас кој постојано повторуваше „Истрагата е во тек…до кога?“, денеска напладне, се слушаше пред влезот на Јавното Обвинителство. Влезот на зградата беше под силно полициско обезбедување.
Активистите од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, денеска повторно протестираа пред Обвинителство револтирани што цели 2 години случаите на напад врз ЛГБТИ заедницата не се процесирани, ниту се откриени сторителите.
– Тука сме да го изразиме нашиот револт против неказнувањето на насилството врз ЛГБТИ заедницата во Македонија. Овој звук од кршењето и нападите врз ЛГБТИ центарот во Скопје пренесуваме порака на револт, незадоволство и гнев што повеќе од 2 години, случаите стојат некаде во фиоките или воопшто не се процесирани од страна на надлежните органи. Не се работи само за водење на предистражна постапка за нападот врз „Дамар“ од 23 октомври, туку се работи и за 4 останати случаи за кои досега не се идентификувани напаѓачите, рече Антонио Михајлов од Националната мрежа.
Тој упати и една лична порака до јавниот обвинител Марко Зврлевски.
– Како Зврлевски или членовите на неговото семејство би се чувствувале кога вакви напади би се извршувале врз него, врз членовите на неговото семејство и врз неговиот имот. Како тој би се чувствувал кога и по две години од ваквите напади нема никаков одговор од надлежните органи.Ниту Јавното Обвинителство почнало некаква истрага, ниту се идентификувани напаѓачите, рече Михајлов.
Инаку, по нападот врз ЛГБТИ центарот за поддршка кој на 23 октомври прославуваше во „Дамар“, при што двасјца беа повредени, ова е трет протест на активистите за човекови права пред Обвинителство.
Тие тврдат дека нема напредок во наоѓањето на сторителите на овие напади кои се шест на број во период од две години.
А.Б.