После година и пол откако министерот за надворешни работи Бујар Османи набави тротинети со цел вработените во МНР да ја промовираат „Зелената дипломатија“ како дел од зелената политика на ДУИ, тротинетите ги нема во просториите на МНР, ниту се паркирани надвор пред влезот на министерството.
Османи купи пет електрични тротинети и шест кациги кои беа наменети за службена потреба на сите вработени во МНР, кабинетот на министерот и министерот, фалејќи се на социјалните мрежи дека со потегот сака вработените во МНР да дадат пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето.
Министерот Османи ја нарече набавката на електрични тротинети симболичен гест со кој почнуваат промоција на проектот „Зелена дипломатија – новото нормално“, кој ќе се одвива во неколку фази.
Но, новото нормално во МНР е што во ходниците одамна ги нема електричните тротинети и велосипеди кои беа наменети за вработените, а ниту вработените не се возат со нив од институција до институција.
– Вработените не ги користат тие електрични тротинети за да одат по институциите. Министерот дојде еднаш со тротинет и толку. Веќе ги нема во ходникот. Стоеја некое време три електрични тротинети и три велосипеди, но ги нема. Тоа беше мизерна кампања измислена од неговите лоши советници кои му велеа дека ќе правеле зелена агенда додека министерството внатре се распаѓа. Тоалетите се во катастрофални услови, а протекува и зградата. Пречекуваме дипломати со кофа на средина од просторијата во која тие даваат изјави за медиумите – рече за „А1он“, амбасадорот Зоран Дабиќ, поранешен Шеф на Мисија на РМ во ОБСЕ и ООН во Виена и НАТО во Брисел, а сега прв човек на Македонскиот дипломатски синдикат.
Министерството утврдило дека деведесет отсто од институциите со кои соработуваат им се на оддалеченост од еден до два километри, па затоа одлучиле за овие релации да набават тротинети иако во останатите министерства и институции во државата ваквата релација најчесто се минува пеш.
„Практичноста од употребата на ваков тип на превозни средства се добива со едноставен преглед на локациите на државните институции, при што веднаш се забележува дека во дијаметар од 1-2 километри се наоѓаат 90% од нив, кои секојдневно се упатени на соработка, состаноци и координации. Тргнувајќи од овие факти, за вакви секојдневни кратки дестинации, треба да се обидеме, колку можеме повеќе и колку ни дозволуваат околностите, да се користи велосипед, електричен тротинет. Преку вакви примери, си помагаме себе си, ќе им ослободиме простор на другите, ќе ѝ помогнеме на околината и на природата, за да имаме почиста животна средина“, објаснија од Министерството.
Петте електрични тротинети и пет кациги чинеа 141.500 денари без ДДВ, а се платени со средства од буџетот на министерството. На огласот за јавна набавка се јавија повеќе фирми, меѓу кои Трговско Друштво за вработување на инвалидни лица-Заштитно друштво за производство, трговија и услуги Филаделфија ДООЕЛ Кочани достави најниска понуда и истата го доби изборот.